Првото вето од Сиљановска Давкова за закон, владата најави корекции
„Не сум јас пристрасната, туку партиите кои посегаат по квалификации. Јас само тргнав од еден ноторен уставен и правен факт дека најпрво во самиот закон има одредба во која се вели дека меѓу останатото начинот на полагањето и начинот на издавањето на лиценците се уредува со акти на министерот. Во членовите 9 и 10 има одредби што мислам дека треба парламентарниот состав да ги преобмисли, изјави Сиљановска Давкова.
Со овие два члена во законот се предвидува покрај македонскиот, во лиценците да стои и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните. Силјановска во своето објаснување вели дека дека спорните членови 9 и 10 од овој закон треба да се преиспитаат низ призма на аманданот пет од Уставот и постоечкиот Закон за употреба на јазиците, кој засега е оспорен во Уставниот суд.
По непотпишувањето на указот од страна на претседателката, од Владата информираа дека законот ќе се доработи и ќе се достави во Собранието во закониските рокови.
Ќе бидат корегирани и ќе бидат согласно Уставот и Законот за јазици и очекувам дека успешно ќе бидат усвоени. Мислам дека малку несмасно е тоа направено. Тоа е една формулација којашто ќе се надмине. Инаку се знае дека службен јазик на целата територија на државата е македонскиот јазик, но сите оние кои ќе побараат и на албански да биде формуларот за полагање, тоа сега ќе биде прецизно формулирано согласно Уставот и законите и ќе биде овозможено, изјави премиерот Христијан Мицкоски пред Соборниот храм во Скопје.
Опозициските партии го поздравија ветото на Сиљановска Давкова.
„Го поздравуваме непотпишувањето на Указот од страна на претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, со што се отвора можноста за повторно разгледување. Бараме од Владата да се повлече од намерата за измена на Законот,“ соопштија од СДСМ.
Тие го критикуваат и враќањето на процедурата за издавање лиценци од дигитална на хартиена форма.
„Ова отвора простор за злоупотреби, партизација и доделување на лиценци по партиски клуч, наместо транспарентен и објективен процес,“ се вели во соопштението.
СДСМ ја осуди и процедурата на носење на Законот, која според нив, била насилно туркана низ Собранието.