Таравари: Нема лекарска грешка во врска со смртта на седуммесечното бебе
„За среќа, професионалците констатираа дека докторите немаат никаква грешка“, рече Таравари на денешната прес-конференција.
На прашањето каде бил проблемот за смртта на седуммесечното бебе, Таравари одговори дека најверојатно бебето е донесено подоцна на Клиниката.
„Можеби болеста си го направила своето, можеби подоцна е донесено детето. Меѓутоа, констатирано е дека нема лекарска грешка“, додаде Таравари.
Седуммесечно бебе починало на 16 декември на интензивна нега на Детската клиника во Скопје.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), кој изврши вонреден инспекциски надзор на Детската клиника откако почина седуммесечно бебе, предложи Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор над лекувањето на бебето.
Било донесено на Клиниката на 9 декември, а потоа и на 11 декември кога заради влошената клиничка слика, хоспитализирано е на Одделот за неврологија. Креирани му се упати за повеќе испитувања, а на 13 декември заради натамошно влошување на здравствената состојба, трансферирано на Одделот за интензивна нега и терапија.
Откако во јавноста излезе веста за смртта на бебето, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди рече дека биле запазени сите процедури и третмани и дека нема лекарска грешка.
Тој тврдеше дека се работи за неоснован притисок врз Клиниката и здравствениот персонал во оваа институција.
За неколку месеци ова е четврто починато дете на Детската клиника. Последниот случај беше со петтгодишно девојче кое почина од воспаление на мозокот.