Десетици германски универзитети ја напуштаат социјалната мрежа Икс
Повеќе од 60 германски универзитети и академски институции во заедничко соопштение наведоа дека мрежата Иск сега е некомпатибилна со нивните принципи.
„Сегашната насока на платформата не е компатибилна со основните вредности на овие институции – отвореност кон светот, научен интегритет, транспарентност и демократски дискурс“, се вели во соопштението.
Маск ја презеде платформата во 2022 година, по што отпушти околу 80 отсто од нејзиниот персонал, вклучувајќи ги и вработените во тимовите за модерација на содржината.
Истражувачите велат дека социјалната мрежа се претворила во рај за дезинформации.
Во интервју за британскиот јавен радиодифузер Би-би-си во 2023 година, Маск ги бранеше промените што ги воведе наведувајќи дека тие се неопходни со оглед на тешките финансии на Твитер.
Тој, исто така, се опиша себеси како „апсолутист за слободен говор“, со попустлив став кон содржината на Икс.
Вчера (9 јануари), тој предизвика контроверзии во Германија со емитување на интервју со Алиса Вајдел, лидерка на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД).
Крила од оваа партија го привлекоа вниманието на домашната разузнавачка агенција на Германија поради можниот десничарски екстремизам.
Меѓу академските институции кои ја потпишаа изјавата за напуштање на Икс, се берлинскиот универзитет Хумболт и голем број факултети кои веќе престанаа да го користат Икс, како што е Слободниот универзитет во Берлин (Freie Universitaet).
„Промените на платформата Икс ја прават нејзината континуирана употреба неодржлива“, велат универзитетите, наведувајќи ја како пример употребата на алгоритми за поттикнување на „десничарската популистичка“ содржина.
Два универзитети во австрискиот град Инсбрук, исто така, се приклучија на изјавата, во која се вели дека повлекувањето од Икс „ги подвлекува напорите на институциите за комуникација заснована на факти и против антидемократските сили“.
Универзитетите се последните во низата германски институции кои објавија дека го напуштаат Икс.
Во четвртокот, Федералниот суд на правдата објави дека повеќе нема да објавува содржини на мрежата, исто како и неколку синдикати.
Во последниве месеци, други компании и организации, како што се фудбалскиот тим во Бундеслигата Сент Паули и гигантот од супермаркети Алди Норд, исто така го напуштија Икс.
Германската Влада соопшти дека засега не планира да престане да ја користи платформата.
Портпаролката на Владата Кристијане Гофман на прес-конференција во петокот рече: „Ние сме многу загрижени за тоа како се разви Икс, но во исто време мораме постојано да размислуваме како да допреме до луѓе до кои инаку не би можеле да допреме. Засега решивме да продолжиме да ги користиме нашите канали на Икс, но тоа е тековен процес на евалуација“.