Протест на поддржувачите на прорускиот претседателски кандидат во Романија
На протестот во Букурешт организиран од прорускиот кандидат Калин Георгеску, се бараше повлекување на судската одлука за поништување на претседателски избори додека траеше вториот круг на гласање, пренесува романскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во вториот круг, Горгеску требаше да се соочи со проевропската центристичка кандидатка Елена Ласкони.
Вториот круг се сметаше за референдум за идниот курс што ќе го заземе оваа земја членка на НАТО и ЕУ среде обвинувањата за руско мешање, што доведе до тоа илјадници Романци да излезат на улиците во поддршка на членството во евроатлантската заедница.
Одлуката на судот следуваше откако Врховниот совет за одбрана декласифицираше документи кои, наводно, докажуваат дека кандидатурата на Горгеску била поддржана од кампања водена од неименуван „државен актер“ со помош на социјалната мрежа Тик-Ток во кинеска сопственост.
Уставниот суд во својата одлука наведе дека изборниот процес „ќе продолжи во целост, при што владата ќе одреди нов датум за избор на претседател на Романија, како и нова календарска програма за спроведување на потребните активности“.
Протестот во петокот беше организиран од платформата ЕПАЦЕ, која соопшти дека има речиси 57.000 потписи за поддршка на барањето на Горгеску да се продолжи со вториот круг од изборите.
Новата коалициска влада во Романија положи заклетва на 23-ти декември по парламентарните избори што се одржаа три недели претходно.
Една од првите задачи на владата ќе биде да одреди датум за нови претседателски избори.