Нови ограничувања од САД за извоз на чипови со вештачка интелигенција
Ограничувањата следат по мерките објавени во 2023 година за извоз на одредени чипови за вештачка интелигенција во Кина, која САД ја гледаат како стратешки конкурент.
Во последниве години, Вашингтон ги засили напорите за ограничување на извозот на најсовремени чипови во Кина, кои можат да се користат во вештачката интелигенција и во системите за оружје, бидејќи технолошкиот напредок на Пекинг предизвикува загриженост.
„САД сега го предводат светот во областа вештачката интелигенција – и развојот на вештачката интелигенција и дизајнот на чипови со вештачка интелигенција – и од клучно значење е така да остане“, изјави министерката за трговија, Џина Раимондо.
Новите правила воведуваат нови контроли на чиповите, барајќи овластувања за извоз, реизвоз и трансфери во земјата - истовремено вклучувајќи голем број исклучоци за земјите кои се сметаат за пријателски настроени кон САД.
Центрите за податоци за вештачка интелигенција ќе мора да се усогласат со подобрените безбедносни параметри за да можат да увезуваат чипови.
Сепак, последниот потег на администрацијата во заминување наиде на критики од технолошката индустрија и предупредувања дека ќе и наштети на конкурентноста на САД.
Извршниот директор на Асоцијацијата на полупроводнички индустрии, Џон Нојфер, рече дека оваа организација е „длабоко разочарана што промена на политиката со таков размер и влијание се воведува неколку дена пред претседателската транзиција и без никаков значаен придонес во индустријата“.
Тој во соопштение додаде дека новите правила може да предизвикаат „трајна штета на американската економија и глобалната конкурентност“ со отстапување на клучните пазари на ривалите.
Гигантот за чипови Nvidia рече дека „иако се сокриени под маската на ‘анти-кинески' мерки, овие правила нема да направат ништо за да ја подобрат безбедноста на САД“.
Правилата им отежнуваат на стратешките конкуренти на САД да користат „шверц и далечински пристап“ за да ја избегнат контролата на извозот, рече советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.
Тие, исто така, според него, обезбедуваат поттик за американските пријатели и партнери да користат доверливи добавувачи за напредна вештачка интелигенција.
Реакција на Кина: „Флагрантно кршeње“
Кина соопшти дека новите американски правила за извоз на чипови кои се користат за вештачка интелигенција се „флагрантно кршење“ на меѓународните трговски правила.
Ова е „уште еден пример за генерализација на концептот на национална безбедност и злоупотреба на извозните контроли и флагрантно кршење на меѓународните мултилатерални економски и трговски правила“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за трговија.
„Претходно, американските високотехнолошки претпријатија, индустриски организации и други го изразуваа своето незадоволство и загриженост преку различни канали... Но, администрацијата на Бајден ги игнорираше разумните гласови на индустријата и инсистираше на брзање со мерките“, соопшти кинеското министерство.
Во соопштението се додава дека Кина „ќе ги преземе неопходните мерки за цврсто да ги заштити своите легитимни права и интереси“.
Новите правила ќе стапат во сила за 120 дена, рече Раимондо, давајќи му време на новоизбраниот претседател Доналд Трамп да внесе промени.
Nvidia во своето соопштение наведува дека првата администрација на Трамп покажала како САД „победуваат со иновации, конкуренција и споделување на нашата технологија со светот“.
Трамп воведе високи царини за Кина за време на неговиот прв претседателски мандат.
Сепак, неговите поддржувачи во Силиконската долина може да ги гледаат новите правила како непотребно оптоварување на нивниот капацитет за извоз на производи.
Денеска акциите на Nvidia паднаа за околу три отсто во почетокот на тргувањето, додека Intel загуби 1,6 отсто, а AMD околу 0,8 отсто.
Извор: АФП