Гаши: Интерпелацијата за Даути нема правни последици
Во писмена изјава до медиумите, тој вели дека „како претседател на Собранието, неговата главна одговорност е да го почитува и спроведува Деловникот и процедурите на Собранието“ и оти неговата улога завршила со самото гласање. Топката сега ја префрла кај останатите собраниски тела и пратениците.
„Важно е да се напомне дека интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти. Мојата улога како Претседател заврши по завршувањето на процесот на интерпелација, како што се случи во случајот со интерпелацијата поднесена против мене пред неколку месеци. Прашањата како што се разрешувања или оставки се процедури на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците“, вели Гаши.
Претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е пратеникот Ѓорѓи Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во изјава за државната агенција МИА рече дека чека следните чекори да дојдат од пратеничките групи.
„Во заклучокот од Собранието се кажува дека наводите во интерпелацијата се основани, односно дека со 61 пратеник, претседателот на Комисијата е разрешен, во случајот г-ѓа Даути, бидејќи не ги исполнила деловничките одредби. Тоа е она што е суштината. Комисијата за прашања на изборите и именувањата не е надлежна самата да презема бидејќи не е ни повикана. Чекаме следни чекори од пратеничките групи“, вели Сајкоски.
Интерпелација за Илире Даути поднесе пратеничката група на Левица бидејќи таа како претседателка на комисија одбиваше да го стави на дневен ред Законот за бранители.
Интерпелација беше изгласана со поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Албанските партии гласаа „против“, додека СДСМ ја напушти седницата, која се одржа на 10 јануари.
На истата седница на дневен ред беа и интерпелации поднесени од Европскиот фронт предводен од ДУИ, а за работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, како и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени. Ниту една од нив не доби поддршка од мнозинството пратеници. Социјалдемократите ја напуштија таа седница бидејќи рекоа дека не поддржуваат нови поделби по етничка основа.
Дека интерпелацијата на Даути нема правни последици од кабинетот на Гаши се огласија уште по самото гласање на 10 јануари.
Повторениот став од претседателот на Собранието доаѓа по прозивките од партиите и прашањето кое се покрена во јавноста – која е целта на интерпелацијата ако нема правно дејство и што понатаму.
Од Левица денеска порачаа дека ако Даути сама не си поднесе оставка, тие ќе поднесат предлог за разрешување од претседателската позиција во Комисијата за социјална политика, демографија и млади.
Социјалдемократите, пак, вчера го повикаа Гаши да ги каже следните чекори по интерпелацијата на Даути, додека од Движењето ЗНАМ, кое е дел од владината коалиција, побараа од Европскиот фронт да предложи нов претседател на Комисијата бидејќи претседателското место во оваа Комисија и припаѓа на оваа пратеничка група.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ оценија дека Илире Даути нема кредибилитет да претседава со собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, откако беше изгласана недоверба по расправата за интерпелација.
Преку писмено соопштение вчера се обрати и самата Даути која истакна дека соочена со изборот меѓу губењето на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, не се сомнева дека ќе ја прифати слободата на дејствување како пратеничка.