Сирискиот министер за одбрана го отфрли предлогот на курдскиот воен блок
Говорејќи за Ројтерс во зградата на Министерството за одбрана во Дамаск, Мурхаф Абу Касра на 19 јануари рече дека раководството на курдските борци, познати како Сириски демократски сили (СДФ), се одолговлекувало во решавањето на ова сложено прашање.
СДФ, која создаде полуавтономна зона за време на 14 години граѓанска војна, води разговори со новата администрација во Дамаск предводена од поранешните бунтовници кои го соборија претседателот Башар ал Асад на 8 декември.
Командантот на СДФ, Мазлум Абди, рече дека едно од нивните централни барања е децентрализирано владеење, велејќи во интервју за саудискиот канал Ашарк Њуз минатата недела дека СДФ е отворена за интеграција со Министерството за одбрана, но како „воен блок“ и без распуштање.
Абу Касра го отфрли предлогот во неделата.
„Ние велиме дека тие ќе влезат во Министерството за одбрана во рамките на хиерархијата на Министерството за одбрана и ќе бидат распоредени на воен начин - немаме проблем со тоа“, рече Абу Касра, кој беше назначен за министер за одбрана на 21 декември.
„Но, тие да останат воен блок во рамките на Министерството за одбрана, таков блок во голема институција не е во ред“, нагласи тој.
Еден од приоритетите на министерот по преземањето на функцијата е интеграцијата на безбројните сириски фракции против Асад во една командна структура.
Но, тоа со СДФ се покажа како предизвик.
САД ја сметаат групата за клучен сојузник против таканаречените милитанти на Исламската држава, но соседна Турција ја смета за закана за националната безбедност.
Абу Касра рече дека се сретнал со водачите на СДФ, но ги обвини за „одолговлекување“ во преговорите за нивната интеграција и рече дека нивното вклучување во Министерството за одбрана како и другите поранешни бунтовнички фракции е „право на сириската држава“.
Абу Касра беше назначен во преодната влада околу две недели откако Хајат Тахрир ал-Шам, исламистичката група на која и припаѓа, ја предводеше офанзивата со која беше соборен Асад.
Касра рече дека се надева дека ќе го заврши процесот на интеграција, вклучително и назначувањето на некои високи воени претставници, до 1-ви март, кога ќе биде назначена преодната влада.
Запрашан како одговори на критиките дека преодниот совет не треба да врши такви назначувања или да спроведува такви големи промени во воената инфраструктура, тој рече дека „безбедносните грижи“ ја поттикнале новата држава да му даде приоритет на ова прашање.
„Ние сме во трка со времето и секој ден прави разлика“, рече тој.
Новата администрација беше критикувана и за нејзината одлука да додели чинови во новата армија на некои странци, вклучително и еден Албанец.
Абу Касра призна дека одлуката предизвикала бура, но рече дека не знаел за какви било барања за екстрадиција на странски борци.