Законот за заштита на децата повторно на дневен ред во собранието
Пратениците го изгласаа овој Закон на 24 декември во рамки на 27-та пленарна седница, со обично и Бадинтерово мнозинство. Со непотпишувањето на Указот, законските измени се враќаат во Собранието, а доколку повторно бидат изгласани, претседателката ќе биде должна да го потпише Указот.
Во образложението на претседателката се наведува дека изгласаните измени на Законот содржат повеќе спорни одредби. Таа наведува дека спровела темелна анализа и експертски консултации по што бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од Предлог-законот.
Со овие два члена во законот се предвидува покрај македонскиот, во лиценците да стои и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните.
„Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите од членот 9 и членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, што го донесе на 24 декември 2024 година и ќе креира јасни, прецизни и недвосмислени решенија во согласност со Уставот“, пишува во документот.
Претседателката наведува дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот закон за употреба на јазиците.
Претседателката укажува и на одредбата од членот 182, став 5 од Законот за заштита на децата каде е регулиран начинот на добивање, продолжување и одземање лиценца за работа, формата и содржината на образецот за лиценца кои ги пропишува министерот.
Сиљановска-Давкова во изјава дадена на Божиќ рече дека ниту имала намера, ниту ќе употреби вето за да навреди некој јазик. И од Владата најавија дека законот ќе биде доработен и повторно ќе биде испратен во Собранието во законските рокови.