Трамп сака да го укине правото на американско државјанство при раѓање во САД
Оваа извршна наредба, насловена како „Заштита на значењето и вредноста на американското државјанство“, го исклучува правото на државјанство за бебињата родени во Соединетите Американски Држави чии родители не се ниту државјани ниту законски жители спо право на постојан престој. Тоа е дел од сеопфатната акција за сузбивање на имиграцијата што Трамп ја најави на својот прв ден на функцијата.
Извршната наредба, која стапува на сила за 30 дена (19 февруари), потенцијално влијае на десетици илјади деца родени во земјата секоја година чии родители се без правен статус, вклучувајќи ги и децата на оние на кои им е одобрен азил, но се уште немаат постојан престој или државјанство или на странци кои имаат долгорочни H-1B работни дозволи.
Групите за човекови права, очекувајќи го потегот на Трамп, веќе поднесоа тужба до федералниот суд за да се спречи наредбата да стапи во сила, нарекувајќи ја сурова и спротивна на вредностите за кои се залага земјата.
Околу 22 држави предводени од демократите, заедно со округот Колумбија и градот Сан Франциско, исто така поднесоа слична тужба.
Џејш Ратод, професор по право и директор на Клиниката за правда за имигранти на Правниот факултет на Американскиот универзитет во Вашингтон, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) дека случајот на крајот би можел да заврши во Врховниот суд, кој се сврте надесно откако Трамп во неговиот првиот мандат назначи тројца судии во институцијата составена од девет судии.
„Мислам дека она што се прави овде е да се постави тест случај што ќе помине низ федералните судови. Не би бил изненаден ако Врховниот суд на крајот го преиспита ова прашање“, рече Ратод.