Обвинителството истражува дали бегството на Груби било организирано
Внатрешна истрага веднаш по бегството пред едене месец била отворена во Одделот за внатрешна контрола во рамки на Министерството за внатрешни работи (МВР), додаде тој, по што доказен материјал е доставен во Обвинителството да се утврди дали станува збор за организирано бегство на Груби или станува збор само за пропуст на предметниот полициски службеник.
„Од досега собраните докази кои ги имаме за да може да интервенираме во утврдена фактичка состојба во делот на службеникот, сме поднеле кривична пријава и се преземени чекори во насока на суспензија и во насока на констатирање на негова вина, кривична одговорност согласно доказите кои се неспорни. Неспорно е дека полицискиот службеник не погледнува во мониторот и му дозволува да излезе. Тоа е неспорен факт и тука имаме кривична пријава“, рече Тошковски.
Артан Груби е во бегство од 15 декември кога беа објавени информации во јавноста дека ја напуштил земјата, откако заедно со апелацискиот судија Енвер Беџети беа ставени на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 9 декември, поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството. Образложението е дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков за предметот „Таргет“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство(СЈО), а се однесуваше на масовното прислушување.
По информациите дека ја напуштил земјава, Артан Груби самиот напиша на Фејсбук дека не е во бегство и дека се наоѓа во приватна посета во Косово.
„Веднаш штом завршам обврските, ќе се вратам дома кај моето семејство“, напиша Груби.
Ден потоа кога полицијата вршеше претрес на две негови локации, не го пронајде дома. Премиерот Христијан Мицкоски тогаш изјави дека и Артан Груби и Перпарим Бајрами не се наоѓаат на територија на Северна Македонија.
За Груби рече дека „заедно со уште едно лице, стопанственик во возило со дипломатски таблички ја напуштил Македонија и последно се упатил кон нашиот северен сосед Косово“, а за Бајрами рече дека подолго време не се наоѓал во државата.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски потоа кажа дека е оформен предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.
Груби е член на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), поранешен пратеник и вицепремиер во претходната влада на СДСМ и ДУИ.
По една недела следуваше уште еден предмет на Обвинителството против Груби. Овојпат се отвори истрага, каде тој е еден од шестмината осомничени за набавката на ВЛТ апаратите во Државна лотарија. МВР поднесе кривична и против експремиер, но тој засега не е опфатен со отворената истрага. Со Груби, осомничени се и поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами и четворица членови на Комисијата за јавни набавки.