Во Хрватска бојкот на продавници и бензински пумпи поради високите цени
Иницијативата, која потекнува од Фејсбук-групата „Ало, инспекторе“, зад која стои Европскиот центар за извонредност на потрошувачите (ECIP), доби поддршка од здруженија за заштита на потрошувачите, синдикати, политички партии, па дури и од министерот за економија.
Повикот за бојкот се споделуваше на социјалните мрежи изминатите денови:
„На 24 јануари во Хрватска се организира бојкот против високите цени на храната. Се повикуваат граѓаните на тој ден да не купуваат ништо, апсолутно ништо. Подгответе се за тој ден како да е недела“, стои во пораките.
Податоците покажуваат дека потрошувачките цени во Хрватска, во декември 2024 година пораснале за 4,5 проценти во споредба со истиот месец од претходната година, што е највисок раст од мај. Хрватска е меѓу трите земји на ЕУ со највисока инфлација, по Романија (5,5 проценти) и Унгарија (4,8 проценти).
Министерот за економија, Анте Шушњар, ја поддржа иницијативата и истакна дека Владата работи на проширување на списокот на производи со ограничени цени.
Во меѓувреме и опозициските партии го поддржаа бојкотот, критикувајќи ја Владата дека не презела ништо за да ја контролира инфлацијата.
Од друга страна, пратеникот на ХДЗ, Никола Мажар, изјави дека Владата ќе продолжи да работи на одговорни економски политики и ја поддржа одлуката на граѓаните за бојкот.
Што се однесува до структата, економистите се главно скептични за оваа иницијатива, сугерирајќи дека ниту организираните потрошувачи, ниту владата не можат да влијаат на трендовите на инфлација.