Федерален судија привремено ја блокира наредбата на Трамп за укинување на државјанство по раѓање
Одлуката на окружниот судија на САД, Џон К. Кафенар, е на национално ниво и со важност од две недели. Тоа е одговор на тужба поднесена од четири сојузни држави- Вашингтон, Аризона, Илиноис и Орегон, според која извршната уредба на Белата куќа, потпишана од претседателот Трамп во понеделникот (20 јануари), е неуставна.
Уште 18 држави заедно со Вашингтон, округ Колумбија, поднесоа слична тужба во Масачусетс, плус најмалку три различни организации за граѓански права водат свои правни постапки. Сите овие сојузни држави се водени од демократски гувернери.
Судските постапки ја оспоруваат извршната наредба на Трамп, за која претседателот изјави дека се надева да стапи во сила кон средината на февруари.
Повеќе јавни обвинители ја оспоруваат одлуката на Трамп, а во поднесените тужби се вели дека во САД годишно се раѓаат 153000 деца од двајца родители кои немаат документи за легален престој. Администрацијата на Трамп се надева дека укинувањето на правото може да ја обесхрабри нелегалната имиграција во САД.
Извршната наредба на Трамп предвидува неговата администрација повеќе да не признава државјанство по автоматизам на оние деца родени на американско тло од родители имигранти кои во земјата дошле нелегално, односно ниту еден од родителите не е државјанин на САД или поседува легален престој (зелена карта).
Исто така, уредбата на Трамп оневозможува добивање на државјанство по автоматизам на децата родени од родители кои во земјата дошле со привремени работни, студентски или туристички визи.