Мексико гради центри за мигранти депортирани од САД
Центрите се дел од програмата „Мексико ви посакува добредојде“ на мексиканската Влада во случај Трамп да го исполни своето изборно ветување за масовни депортации. Американскиот претседател рече дека сака да преземе мерки против имигрантите кои илегално влегле во САД или кои се во земјата без документи.
Во градот Сиудад Хуарез, преку границата со тексашкиот град Ел Пасо, работниците подигнаа челични конструкции за прифатни центри. Папата Франциск отслужи миса на истата локација за време на посетата на Мексико во 2016 година.
Вкупно девет прифатни центри за илјадници мексикански мигранти кои може да бидат депортирани од САД ќе бидат изградени долж границата долга околу 3.200 километри, објави на 21 јануари Владата на претседателката, Клаудија Шејнбаум.
Таму војниците ќе работат во теренските кујни, а властите ќе им обезбедат на мигрантите документи за идентификација.
Во меѓувреме, Претставничкиот дом на САД го усвои првиот нацрт-закон на новиот американски претседател Доналд Трамп, со кој се бара апсење на илегални имигранти обвинети за кражби и насилни злосторства.
За овој предлог гласаа и голем број демократи, заедно со републиканците. Тој беше усвоен со 263 гласа „за“ и 156 „против“.
Предлог-законот, кој ќе биде проследен до Трамп за потпис и дури тогаш ќе стапи во сила, го носи името на Лејкен Рајли, девојка од Џорџија која минатата година беше убиена од имигрант без документи од Венецуела. Тој беше осуден на доживотен затвор.
Ова се очекува да биде првиот од неколкуте чекори што републиканците планираат да ги преземат за зајакнување на границата и забавување на протокот на имигранти во САД.