Додик тврди дека американските санкции во Република Српска се „неуспешни“
„Тие не беа пречка за постигнување економски раст и резултати. Нашата економија покажа виталност дури и во такви рестриктивни околности за банкарскиот сектор“, рече Додик на прес-конференција во Бања Лука.
Канцеларијата за контрола на странски средства на американското Министерство за финансии (ОФАЦ) веќе двапати го санкционираше Додик поради неговите активности против Дејтон.
Меѓу санкционираните, покрај членовите на неговото семејство, е практично целото политичко раководство на Република Српска и неколку компании.
Во обид да се избегнат американските санкции, по затворањето на сметките во комерцијалните банки, Народното собрание на Република Српска на 18 април минатата година гласаше за итна измена на Законот за работни односи на РС, со што се легализираше исплатата на платите „во коверт“.
Зборувајќи за новинарите, Додик рече дека не е еуфоричен, но дека верува оти доаѓаат подобри денови за Република Српска, со оглед на геополитичката ситуација. Тој не прецизирапе на што конкретно мисли.
„Бевме притиснати од интервенциите на поранешната американска влада која вршеше притисок врз нашите банки и ги спречи да работат со институциите, но тоа време помина“, рече Додик.
На банките во овој босански ентитет им порача дека „веќе нема да има поддршка или разбирање за оние кои не сакаат да соработуваат со институциите на ентитетот“.