Високи влогови меѓу ЕУ и САД за социјалните медиуми
Законот за дигитални услуги на Европската Унија игра клучна улога овде.
Ова законско решение, кое стапи на сила на крајот на 2022 година, има за цел да ги реши проблемите како што се нелегалната содржина, потенцијалните дезинформации и транспарентноста на онлајн рекламирањето.
Според тој закон, Европската комисија веќе покрена постапка против платформата X на Илон Маск, Мета на Марк Цукерберг и популарната кинеска мрежа ТикТок.
Овие случаи би можеле да резултираат со астрономски казни, што речиси сигурно би предизвикало реакции во САД.
За што се работи?
Летото 2024 година, ЕУ отвори постапка против Мета, која управува со Фејсбук, фокусирајќи се на рекламните политики на компанијата, како и на заканата од „doppelganger“ - системот на лажни реклами и лажни веб-страници кои ги клонираат легитимните весници со намера за ширење дезинформации.
Европската комисија постапи по наводите дека системот за рекламирање што го користел Мета овозможил ширење на лажни вести кои потекнуваат од Русија.
Неодамна Мета објави дека ја прекинува програмата за проверка на факти за наместо на моделот на „проверка на факти“, да се фокусира на таканаречениот модел „белешки на заедницата“ користени од X.
Барем засега оваа промена влијае само на американскиот пазар, но доколку се прошири и во ЕУ, Брисел би можел да започне дополнителни истраги.
Друга промена што Мета неодамна ја направи се однесува на измената на нејзината политика за говор на омраза, а особено отстранувањето на правилата кои забрануваат навреди врз основа на нечиј изглед, раса, етничка припадност или сексуална ориентација.
Оваа промена се применува и во ЕУ, а Европската Комисија во моментов ја анализира проценката на ризикот што Мета ја достави до Унијата при правењето на оваа промена.
Што е со ТикТок? Може ли Брисел да се обиде да ја забрани оваа апликација?
Да, може, но веројатно нема.
Како што неодамна изјави портпаролот на Европската комисија:
„Не е наша цел да суспендираме каква било платформа во ЕУ“.
Сепак, според Законот за дигитални услови, ова би можело да се направи како последна опција доколку Брисел смета дека постои сериозна закана за јавноста.
Поединечни земји-членки на ЕУ, исто така, може да ги суспендираат апликациите и услугите на нивната територија доколку го имаат потребното национално законодавство.
Сепак, ова е исто така малку веројатно бидејќи би предизвикало „тензии“, особено со американските компании, а европските регулатори претпочитаат казни наместо забрани.
Матичната компанија на ТикТок-ByteDance, основана од кинески претприемачи и со значајни операции во Кина, се најде под лупа од Европската Комисија по претседателските избори во Романија во ноември 2024 година.
Брисел започна истрага за тоа како компанијата прикажува политички реклами и како функционираат алгоритмите зад нејзиниот мотор за препораки.
Ова се случи откако голем број лажни профили почнаа да објавуваат содржини за поддршка на екстремно десничарскиот претседателски кандидат Калин Ѓоргеску, кој ја шокираше јавноста со победата во првиот круг од изборите.
Романскиот Уставен суд подоцна ги поништи изборните резултати, наведувајќи дека операцијата за влијание на ТикТок, за која се верува дека потекнува од Русија, влијаела на процесот на гласање.
Регулаторите од Брисел му наложија на ТикТок да ги зачува и споделува сите податоци и документи поврзани со претседателската кампања.
А што е со X?
Компанијата на Илон Маск беше првата цел на Законот за дигитални услуги уште во летото 2023 година.
Потоа, Европската Комисија почна да ги истражува потенцијалните прекршувања на транспарентноста, особено во врска со тоа како ги користела своите сини печати, кои првично беа знак за проверен профил, а сега индикатор дека корисникот има премиум претплата и како се складирале и користеле неговите рекламни информации.
Европската Комисија дојде до прелиминарен заклучок во летото 2024 година дека X ги прекршил правилата на Законот за дигитални услуги.
Ова и овозможи на компанијата пристап до сите досиеја на Е вропската Комисија за случајот, вкупно повеќе од 6000 страници и одговорите, кои сега се проучуваат во Брисел.
Други истраги беа започнати подоцна во 2023 година за тоа како компанијата управува со својот систем за „белешки на заедницата“, особено во врска со говорот на омраза и насилната содржина на платформата.
Тие истраги беа проширени минатата недела кога Комисијата побара од X да ги објасни своите неодамнешни и идни прилагодувања на алгоритамот за собирање содржина до 15-ти февруари.
Од американската компанија, исто така, беше побарано да ги задржи сите податоци поврзани со овие промени и да пристапи до системите на X за да истражи како профилите и содржините стануваат вирални.
Иако претставниците на Европската Комисија беа категорични дека потезите немаат никаква врска со какви било политички настани, проширената истрага дојде само неколку дена пред претседателската инаугурација на Доналд Трамп и само седум дена откако Маск објави интервју на X со Алиса Вајдел, лидерка на Алтернатива за Германија, партијата што тој лично ја поддржа на германските парламентарни избори на 23 февруари.
Со какви казни се соочуваат платформите?
Ако Европската Комисија утврди дека некоја компанија ги прекршува правилата на Законот за дигитални услуги, казната најверојатно ќе биде парична и притоа прилично голема.
Максимумот што може да се плати е шест отсто од глобалниот годишен обрт на компанијата, кој би можел да изнесува милијарди долари.
Европската Комисија може да донесе и привремени мерки доколку постои сомневање дека корисниците претрпеле значителна штета, но тоа е многу ретко.
Комисијата всушност ја искористи оваа мерка еднаш, компромитирајќи го ТикТок Лајт, или побрзата верзија на главната апликација.
Апликацијата, во која корисниците во некои региони можеа да заработат награди гледајќи видеа, беше лансирана во Франција и Шпанија без претходна проценка на ризикот.
По заканите од Брисел, ТикТок ја повлече апликацијата во ЕУ и вети дека никогаш повеќе нема да ја лансира истата или слична верзија.
Ќе се извршат ли казните?
Ова е големо прашање. Вреди да се потсетиме дека Европската Комисија е одговорна за надзор на внатрешниот пазар на ЕУ, а не на земјите-членки. Многумина веќе на крајот на минатата година очекуваа дека Комисијата ќе го казни Х, но на крајот- тоа не се случи.
Новата Европска Комисија, која е на функција од 1 декември 2024 година, очигледно е на штрек.
Имаше некои наводи дека истрагите биле настрана, иако Комисијата тоа го негираше.
Официјални претставници на ЕУ рекоа дека сè уште ги проучуваат сите документи за да изградат цврст случај кој ќе биде непобедлив пред судот на ЕУ, каде што најверојатно ќе биде оспорена секоја потенцијална казна против X, Мета или ТикТок.
Огромен е интересот за улогата на социјалните мрежи во Брисел и пошироко. Повеќето големи политички групи во Европскиот парламент ја повикуваат Европската комисија да го спроведе Законот за дигитални услуги и да ги казни технолошките компании.
Земјите-членки се поделени по ова прашање.
Во земјите каде што антиамериканизмот е длабоко вкоренет- Франција или левичарските партии во Германија- се исто толку заинтересирани како и мнозинството во Европскиот парламент да преземат решителна акција против компаниите што управуваат со социјалните мрежи, најголемите од нив се во сопственост на американски компании или поединци.
Блиските сојузници на Вашингтон, како што се Холандија, скандинавските земји или балтичките земји, се повнимателни во нивните проценки, стравувајќи дека санкциите би можеле да ја поткопаат американската поддршка за НАТО или да доведат до трансатлантска трговска војна.
Исто така, има се поголем број на популистички партии и политичари на Стариот континент, кои ги користеа овие платформи за да ја зголемат својата популарност, и кои го мразат Законот за дигитални услуги, нарекувајќи го „европска цензура“.
Влоговите се големи и ова прашање нема туку така да исчезне.