Почна депортацијата на илегални мигранти од САД
Соопштението дојде во моментот кога новиот американски претседател го започна своето прво патување во Северна Каролина на југоисток на земјата, како и во демократското упориште Калифорнија на запад - двете држави кои беа погодени од природни катастрофи за што Трамп жестоко критикуваше.
„Администрацијата на Трамп уапси 538 илегални мигранти, криминалци“, објави портпаролката на Белата куќа Каролина Левит на мрежата Икс, додавајќи дека „стотици“ биле депортирани со воени авиони.
„Во тек е најголемата операција за масовна депортација во историјата. Ветувањата исполнети“, напиша Левит.
Доналд Трамп во својата предизборна кампања вети дека ќе се бори против илегалната миграција и својот втор мандат на 20 јануари го започна со серија извршни наредби за запирање на приливот на мигранти во САД.
Тој прогласи „национална вонредна состојба“ на јужната граница со Мексико и најави распоредување на војници, ветувајќи дека ќе ги протера „странските криминалци“.
На денот на инаугурацијата на Трамп, американскиот Сенат, во кој мнозинството се републиканци, усвои нацрт-закон со кој се бара од федералните органи за спроведување на законот да приведат илегални мигранти осомничени за одредени злосторства.