Стотици мотоциклисти во Белград ги поддржаа студентите на блокадите
„Тука сме да ги поддржиме студентите во тоа што тие го прават веќе некое време. Тука сме да се бориме за безбедна и слободна Србија“, изјави еден од мотоциклистите за Радио Слободна Европа.
Мотоциклистите им испратија посебна поддршка на студентките кои беа повредени за време на претходните студентски протести. Дваесетгодишна студентка беше тешко повредена на 16 јануари во центарот на Белград, кога во неа удри автомобил за време на блокада на раскрсница.
За време на протестот на 24 јануари беше повреден дваесет и петгодишен студент, кога автомобил налета на демонстрантите за време на протестот во Белград.
На дел од транспарентите што ги носеа пишуваше „На пат кон подобра иднина“ и „Нема да ги газите“.
Студентите во Србија повеќе од два месеци ја блокираа работата на повеќе од 60 факултети, барајќи одговорност за смртта на 15 лица во падот на настрешница во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Истовремено, на повик на студентите кои ги блокираат факултетите, речиси три месеци се протестира низ државата.
На 24 јануари имаше „генерален штрајк“ - акција во која се вклучија бројни бизнисмени, просветни работници, културни работници, адвокати, кои престанаа со работа во знак на протест.