Српското собрание на 29 јануари ќе расправа за гласање доверба на владата, најави Брнабиќ
Брнабиќ за ТВ Прва изјави дека е јасно дека Владата на Србија има доверба, но дека пратениците од мнозинството ќе обезбедат кворум за таа дискусија.
Таа додаде дека „детинесто што некои пратеници кои ја побараа таа дискусија, одлучуваат да не учествуваат во неа“.
„Утре имаме колегиум и тогаш ќе слушнам дали некој сака да учествува во работата или не“, рече Брнабиќ и додаде дека блокирање на парламентот нема да биде можно.
Брнабиќ изјави и дека за неа најважно е пратениците да го донесат законот за станбени кредити за млади, што Владата го испрати во собраниска процедура.
Опозиционерите на 15 ноември до Собранието поднесоа предлог за изгласување недоверба на премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.
Предлогот што го потпишаа 71 пратеник од опозицијата е испратен по смртта на 15 лица при падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, а како причини се наведуваат „неискористување на надлежноста и неизвршување на должноста за утврдување одговорност“.
Претседателката на Собранието тогаш не ја закажа седницата, наведувајќи дека претстои седница за државниот буџет и дека таа во политичка смисла „може да се гледа како седница за доверба на Владата“.
За гласање недоверба на Владата е потребно мнозинство од вкупниот број од 250 пратеници.
Опозициската Демократска партија најави бојкот на Собранието. Лидерот на партијата, Срѓан Миливојевиќ за агенцијата Бета изјави дека партијата одговорила на повикот на студентите за генерален штрајк и дека во моментов тоа е најефективната алатка во борбата против „мафијата и криминалниот режим“.
Студентите кои ги блокираат факултетите ширум Србија бараат политичка и кривична одговорност за падот на настрешницата, но не и промена на власта.
Владините претставници тврдат дека се исполнети сите услови и ги повикуваат студентите да ги отворат факултетите.
Академиците, пак, велат дека барањата се делумно исполнети и дека прекинот на работата на факултетите продолжува до дополнително известување.