Маск преку видеолинк се обрати на собир на германската десничарска партија АфД
„Во ред е да се гордееш што си Германец. Бори се за светлата иднина на Германија“, рече најбогатиот човек на светот пред неколку илјади собрани поддржувачи на АфД. Маск ја повтори својата поддршка за партијата, за која рече дека претставува „најдобра надеж за Германија“.
Во својот говор, милијардерот ја пофали „германската нација, која датира илјадници години наназад“, пренесе АФП. Според него, актуелната влада „агресивно ја задушува слободата на изразување и поради тоа АфД мора да се бори за самоопределување на Германија и на земјите од Европа“.
Маск ги коментираше внатрешната политика во Германија и во другите европски земји во последните неколку недели преку изјави на својата платформа Икс (поранешен Твитер), со кои отворено ја поддржува АфД.
Антимигрантската партија е на второто место во анкетите за парламентарните избори на 23 февруари со околу 20 отсто поддршка, зад конзервативната ЦДУ/ЦСУ (Христијанско-демократска унија и Христијанско-социјална унија), која ја поддржуваат околу 30 отсто испитаници.
Маск претходно го нарече социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц „лудак и неспособен имбецил“, а претседателот Франк-Валтер Штајнмаер – тиранин, потсетува АФП.