Обвинителката Крстевска: Сите наводи на Палевски се неосновани
Судијата Ивица Стефановски, судењето го одложи за 3 февруари, образложувајќи дека мора да остави простор Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски да се произнесе по наводите во барањето за изземање.
Обвинителката Крстевска изјави дека обвинителството има преземено доволно дејствија и истакна дека сите наводи на обвинетиот Палевски се неосновани.
Според Крстевска, очигледно е дека обвинетиот Љупчо Палевски поднесеното барање за изземање го искористи да ги изнесе сите свои наводи кои што начелно му одат во поткрепа на негова одбрана.
„Доказите се приложени во списите од предметот и очигледно е дека со презентирањето на видео записите се доближуваме до делот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејствија конкретно ги преземал обвинетиот Љупчо Палевски, кој цело време негира дека учествувал во предметните настани“, изјави Крстевска, одговарајќи на новинарски прашања по завршувањето на рочиштето пред Основниот кривичен суд Скопје.
Прашана во однос на наводите во барањето за изземање дека обвинетиот Боре Видевски поседувал оружје, Крстевска рече дека обвинителството ги има обезбедено сите докази и истите се приложени во листата на докази.
Во однос на изјавата од бранителот на Палевски, дека останатите обвинети преговарале со обвинителство, Крстевска рече дека ниту еден бранител не разговарал со обвинителството надвор од преземањето на службените дејствија.
„Многу чудно е како тоа обвинетиот Љупчо Палевски ги има записниците за испитување од осомничените Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски во Обвинителството, бидејќи тоа се списи кои што се само за обвинителството, а не се доставени ниту на увид, ниту на одбраната примерок, па многу е чудно како дошол до истите и ги презентира во јавноста“, изјави Крстевска.
Прашана дали ќе се испитува кој од обвинителство му ги дал овие списи, Крстевска рече дека не може да се произнесат, додека не преземат конкретни дејствија за конкретно лице.
Според обвинението, обвинетите испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Палевски, како првоосомничен беше уапсен во Турција на 5 декември лани, а турските власти и го екстрадираа на Северна Македонија на 15 мај годинава.