Српските студенти почнаа 24-часовна блокада на белградска Автокоманда
Тие ги повикаа граѓаните да им се придружат и изјавија дека смените ќе траат четири часа.
Апелираа до сите да се придржуваат до договорените правила и да ги почитуваат упатствата на редарите, за да придонесат за одржување на безбедноста на присутните. Наведоа дека организирањето на блокадата е замислено како мирен протест кој испраќа јасна порака, „и не смее да доведе до инциденти или непотребни ризици“.
Како што јави Н1, студентите дошле во Автокоманда во две групи – од Студентски плоштад и од булеварот Крал Александар. Тие претходно се сретнале на Славија. Кон нив од Земун тргнале студенти од Земјоделскиот факултет во придружба на трактори.
Студентите побараа од граѓаните да не излегуваат на автопатот или на трамвајски шини. Едната граница на блокадата ќе биде кај Ветеринарниот факултет, а другата кај кружниот тек кон Востаничка.
„Ќе имаме шатори и греалки, како и некои активности како чајна забава со студенти, мини фудбал, турнири во шах и многу други“, се вели во соопштението.
Најавено е дека во 11:52 часот ќе се организира 15-минутен молк за загинатите во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Во 20:00 часот ќе се организира читање на барањата на студентите, меѓу кои и утврдување одговорност за несреќата и кривично гонење на сите кои ги нападнаа студентите за време на претходните собири.
Министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ синоќа најави дека полицијата ќе го пренасочи сообраќајот во Автокоманда.