Вучиќ најави итна реконструкција на српската Влада
„Затоа што во овие тешки политички времиња стана јасно кој е подготвен да работи и да се бори, кој не е, и соодветно, очекувам повеќе од 50 проценти од министрите да бидат сменети во многу, многу итна реконструкција“, рече Вучиќ денеска (27 јануари).
Тој изјави дека во изминатите три месеци по несреќата на Железничката станица во Нови Сад во која загинаа 15 лица, создадена е „атмосфера која никому не му одговара“.
„Во тие три месеци слушнавме разни обвинувања кон државните органи, повици за уривање на државата, слушнавме многу неодговорни изјави, не само од опозицијата, туку и од нас, од редовите на власт“, додаде тој.
Вучиќ рече дека разговарал со владини претставници и оти тие „заклучиле дека им е важно да ја слушнат другата страна“ (студентите кои протестираат) и дека сакаат дијалог и разговор.
„Сите барања на студентите се исполнети“
Вучиќ рече дека во тек е натамошно објавување на документацијата за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад, со што, како што рече, се исполнети сите барања на студентите кои протестираат.
„Денеска веќе објавивме и во тек е понатамошно објавување на 925 документи“, рече Вучиќ во обраќањето до јавноста за време на кое на табли прикажуваше групи документи.
„Дадовме сè. Нема повеќе документација што има врска со реконструкцијата на Железничката станица“, рече Вучиќ.
Зборувајќи за барањето на студентите за гонење на одговорните за нападите врз нив, Вучиќ рече дека против 37 лица е покрената кривична постапка.
„Оваа постапка опфаќа сè што беше јавно познато и за кое беа поднесени кривични пријави“, рече Вучиќ.
Во врска со учеството на владини претставници во нападите, Вучиќ рече дека „во Нов Белград има само еден спорен случај“ и оти „верува дека тоа е веќе решено“.
„Подготвен сум да потпишам барања за помилување“
Во однос на студентското барање за отфрлање на кривичната пријава против уапсените учесници на протестот, Вучиќ рече дека постои основано сомнение дека некои од нив сториле кривични дела, но дека „ќе биде подготвен да потпише решение за помилување од кривично гонење доколку нема друго решение“.
„Прашањето е дали сето ова што го постигнавме ќе биде доволно за некој да каже 'условите се исполнети'? Не сум сигурен, но се надевам дека ќе биде. Но, сигурен сум дека ова мора да иницира дијалог во општеството и дека некој од ректорите и од деканите и сите останати мора да почнат да разговараат, а дека отворањето дијалог може да значи почеток на заздравувањето на нашето општество“, рече Вучиќ.
Претседателот Вучиќ, премиерот Милош Вучевиќ и претседателката на парламентот Ана Брнабиќ ѝ се обраќаат на јавноста на денот кога студентите кои протестираа организираа 24-часовна блокада на една од главните сообраќајни раскрсници во Белград.