Одобрени 250 милиони евра за бизнисот од унгарскиот кредит
Компаниите ќе имаат пристап до кредити со рок на отплата до 15 години и грејс период од три години. Каматната стапка изнесува 1,95 проценти без дополнителни надоместоци, а максималниот износ за аплицирање е 10 милиони евра. Сите 13 комерцијални банки ќе бидат вклучени во проектот.
Според Владата, ова е најголемата сума досега дадена на располагање на бизнис секторот под исклучително поволни услови, со очекување дека ќе се зголеми конкурентноста на компаниите и ќе се отворат нови работни места.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференција истакна дека постапката ќе биде целосно транспарентна и критериумите еднакви за сите.
„Трошоците за одобрување се нула денари. Со денешните одлуки, влегуваме во завршната фаза од операционализацијата на средствата од унгарскиот заем. Со потпишување на договорите, Развојната банка ќе ги добие средствата од Буџетот, кои понатаму ќе бидат пренесени до банките, а оттаму до компаниите,“ изјави министерката.
Средствата се очекува да го поттикнат развојот на македонскиот бизнис сектор, обезбедувајќи долгорочни и поволни финансиски решенија.