Игор Николов предложен за нов амбасадор во Франција
„Проф. др. Игор Николов, тој беше мој советник во делот на здравствената политика, чиј што договор ќе престане, бидејќи во текот на вчерашната седница беше предложен од Владата да биде нов амбасадор на нашата држава за Франција“, изјави Мицкоски на новинарско прашање за договорите на неговите советници во касарната „Гоце Делчев“ во Општина Аеродром каде беше симулиран сајбер хибриден напад.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на прес-конференција во декември лани ги најави измените на Законот за надворешни работи, кој ќе се носи транспарентно и во редовна постапка, чија цел е професионализацијата на дипломатската служба и подобрување на работењето и функционирањето на целокупниот државен систем вклучен во дипломатските процеси, како и преземањето на надлежностите во делот на надворешната трговија и странските инвестициите, обврска која произлезе од измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Со измените меѓу другото се предвидува зголемување на процентот на именуваните амбасадори кои ќе бидат од редот на професионалните дипломати од Министерството. Наместо актуелниот процент од една третина, во иднина се предвидува зголемување на најмалку една половина од редот на професионалните кадри. Дополнително, се предвидува и зголемување на мандатот на упатените дипломати во дипломатско-конзуларните претставништва од сегашните три на четири години.
Измените на законот го допрецизираат и законското решение во делот на учеството на Собранието, според кои, во иднина, по усвојување на овој закон, ќе се отфрли можноста претседателот на државата да го потпише указот без да биде испочитувана соодветната процедура во Собранието.
На прес - конференцијата министерот Муцунски најави дека во најскоро можно време ќе бидат пополнети сите клучни амбасадорски позиции.