Песков: И посакуваме на Србија што поскоро да ги реши сите проблеми
„Србија ни е драга земја. Ние сме врзани со заеднички историски корени, го цениме нашето пријателство, нашата соработка и ќе продолжиме да соработуваме. И им посакуваме на нашите српски пријатели да ги решат сите проблеми што е можно поскоро и што е можно поскоро да се врати мирот и напредокот, нагласи Песков, пренесуваат руските медиуми.
Одговарајќи на новинарско прашање дали српските власти побарале поддршка од Москва, тој рече дека не побарале помош и дека „српското раководство е способно да се справи со сопствените проблеми“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на 28 јануари изјави дека во следните десет дена ќе се знае дали владејачката коалиција ќе предложи нов мандатар или ќе се одржат нови парламентарни избори, откако премиерот Милош Вучевиќ поднесе оставка.
Според Вучиќ, откако парламентот ќе ја потврди оставката на премиерот, ќе започне 30-дневна процедура за избор на нова влада. Доколку тоа не се направи, ќе се распишат избори. Вучиќ рече дека ќе организира консултации со сите парламентарни партии за понатамошните чекори.
Оваа изјава Вучиќ ја даде на прес-конференција по вонредна седница на Владата на Србија, на која присуствуваше и тој. Инаку вчера (28 јануари)во неколку градови во Србија, студентите повторно организираа протести, откако група мажи кои ноќта меѓу понеделникот и вторникот ги напуштија канцелариите на владејачката Српска напредна партија (СНС) ги нападнаа студентите кои во близина лепеле пропаганден материјал.
Студентите повеќе од два месеци блокираат повеќе од 60 факултети и бараат кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.