Чешка повторно отвора истрагата за смртта на Јан Масарик во 1948
Неговото тело беше пронајдено на 10 март 1948 година, под прозорецот на неговата официјална резиденција, набргу откако Комунистичката партија ја презеде власта.
Многу од соработниците на Масарик и чехословачките водачи во егзил веруваа дека тој бил убиен, веројатно од чехословачки или советски тајни служби. Обид за истраги имаше за време на Прашката пролет (1968), а официјално беа спроведени по Кадифената револуција (1989).
Случајот беше затворен во 2021 година без конечен заклучок, но не беше исклучено убиство, со што беа оставени отворени прашања.
Полицијата сега ги наведува новодобиените документи од американските и француските архиви како основа за повторно отворање на случајот како истрага за убиство.
Овие документи, кои никогаш претходно не биле видени, фрлаат ново светло на околностите за смртта на Масарик. Не е јасно дали тие обезбедуваат директни докази или ги идентификуваат осомничените.
Чешките медиуми пренесуваат сведочење на колега кој рекол дека Масарик ноќта пред неговата смрт го посетиле тројца непознати мажи со кои се расправал и наводно рекол: „Ќе потпишам сè, но не ова. Ќе направам се, но ова ќе се случува само преку мене, мртов“.
Истрагата ќе ја води специјализираниот оддел за злосторства на комунистичкиот режим, единица во рамките на чешката полиција која се фокусира на историски случаи поврзани со комунистичката ера. Експертизата на овој оддел ќе биде клучна за разбирање на политичкиот контекст на смртта на Масарик.
Масарик, син на првиот претседател на Чехословачка, Томаш Гариг Масарик, служеше како министер за надворешни работи во воената влада во егзил и продолжи да ја извршува функцијата по ослободувањето на земјата во 1945 година.
Тој не поднесе оставка ниту за време на комунистичкиот пуч во февруари 1948 година. Комунистичкиот режим тврдеше дека се самоубил под притисок, но некои извори укажуваат дека планирал да емигрира.