Владата ги објави 17-те надворешни советници на Мицкоски
Меѓу нив има универзитетски професори, поранешни високи функционери од времето на владеење на експремиерот Никола Груевски, амбасадори, поранешни високи функционери во МВР итн.
Објавата на имињата следува откако вчера (28 јануари) на прес-конференција новинарите му забележаа на премиерот зошто не се објавуваат имињата на советници, по што Мицкоски рече ја прифаќа забелешката и ќе го направат тоа наскоро. Медиумите и претходно во повеќе наврати пишуваа дека не се објавуваат имињата на советниците.
Нивните хонорари не се наведени на владината веб-страница, но според информациите што ги соопшти премиерот вчера, тие се по 60 и 90 илјади денари.
„Вкупно имам 17 советници и сите советници имаат плата во вкупна вредност од 60.000 денари, со исклучок на оние кои се со целосно, полно работно време. Такви се тројца или четворица, коишто се во Владата, и тие имаат месечен хонорар од 90.000 денари“, рече Мицкоски.
Меѓу имињата е и нефрологот Игор Николов, за кој денеска беше соопштено дека Владата ќе го предложи за нов амбасадор на Северна Македонија во Франција.
Николов беше и претседател на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, а неговиот договор како надворешен советник ќе заврши на 31 јануари бидејќи поради именувањето за амбасадор.
Еден поранешен амбасадор, пак, е актуелен надворешен советник на Мицкоски. Станува збор за Сашо Марковски кој го советува премиерот за надворешна полиција и е специјален претставник на Мицкоски во процесот на преговори со Европската комисија.
На листата е и странски експерт, Јоханес Хајдекер, за кого од Владата наведуваат дека е „интегриран експерт за зајакнување на капацитетот на економскиот тим во канцеларијата на премиерот“, како и за подготовка на документи, анализи и совети до премиерот и координација со други министерства за економските политики.
Вицепремиерите во порашените влади на ВМРО-ДПМНЕ предводени од Груевски, Владимир Пешевски и Зоран Ставревски го советуваат Мицкоски за „стратешки прашања од областа на економијата“ односно за „финансии и банкарство“.
И бившиот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој неодамна беше амнестиран за упадот во законодавниот дом на 17 април 2017 година, е на листата советници – тој е ангажиран за „стратешки прашања од областа на безбедноста“.
На списокот се и ексдиректорите на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во МВР, Горан Николовски и Љупчо Андоновски чии ангажман е опишан како надворешни советници за „стратешки прашања од областа на безбедноста“ и за „национална безбедност“.
Универзитетскиот професор од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Александар Спасеновски го советнува премиерот за „европски прашања“.
На листата надворешни советници се и: Цветко Мицевски – за инфраструктура; Гоце Наумовски – за прашања од областа на правото; Лазар Јовески – за труд и социјална политика; Снежана Трпевска – за унапредување на образованието, здравството, социјалната заштита и за спроведување на конвенцијата на ООН за правата на лица со попреченост; Шенер Биљали – за односи меѓу заедниците; Мимоза Рајл – за култура, Јован Пејковски – за областа на политичките и економските науки; Даме Димитровски – за животна средина и клима.
Од Владата сметаат дека „овие експерти ќе донесат вредни сознанија за развојот на политиките, економските стратегии и меѓународните односи.
„Со нивното долгогодишно искуство и во јавниот и во приватниот сектор, надворешните советници ќе ја поддржат Владата во донесувањето информирани одлуки кои се усогласени со најдобрите практики и националните приоритети. Активностите на Владата се водени од анализа и непристрасни совети, зајакнување на транспарентноста и стратешкото лидерство“, пишува во владината објава.
Инаку, ангажман како советник одреден период имаше и актуелниот премиер Христијан Мицкоски. Тој му беше советник на експремиерот Никола Груевски за областа енергетика.
По заминувањето на Груевски во 2017 та, новата власт на СДСМ објави дека тој имал 91 советник за кои годишно од државниот буџет се одлевале по 1,7 милиони евра. ВМРО ДПМНЕ пак демантираше дека се работи за вработени луѓе кои по систематизацијата имаат звање советник, додека надворешни биле само 20.
Поранешниот премиер Зоран Заев на стартот од функцијата ја продолжи „традицијата“ на неговиот претходник и објави дека има помалку - 39 надворешни соработници, но заедно со советниците и посебните советници се вкупно 63 ангажирани лица. За 39-те надворешните соработници кои тогаш ги ангажираше годишно се исплаќаа 307.000 евра. Во негово време за прв пат на сајтот на владата беа објавени и надоместоците кои тие ги земаат.
Неговиот наследник Димитар Ковачевски на стартот најави дека ќе има 12 надворешни советници и ги објави нивните имиња.