Убиен Ирачанец кој неколку пати го палел Куранот во Шведска
Обвинителот Расмус Охман за АФП потврди дека е отворена истрага за убиството на 38-годишниот Салван Момика.
„Ние сме во многу рана фаза... се собираат многу информации. Пет лица се приведени како осомничени за делото“, рече тој.
Судот во Стокхолм на 30 јануари требаше да донесе одлука дали Момика, ирачки христијанин, е виновен за поттикнување етничка омраза, но соопшти дека ја одложил одлуката до 3 февруари поради неговата смрт.
Доцна вечерта на 29 јануари, полицијата одговорила на повикот за пукање во станбена зграда во градот Седертаље, каде што живеел Момика.
„Полицајците пронашле маж кој бил „погоден од истрели од огнено оружје, и тој бил пренесен во болница“, се вели во полициското соопштение и се додава дека тој подоцна починал.
Според информациите што ги истражува полицијата, Момика наводно во живо го пренесувал моментот на сопственото убиство на социјалните мрежи.
По инцидентот полицијата извршила претрес на целата зграда.
„Ги пребаруваме внатрешноста и надворешноста на куќата“, изјави во текот на ноќта Даниел Викдал, портпарол на полицијата во Стокхолм.
Шведската служба за безбедност не сакаше да го коментира случајот.
„Не можеме да кажеме ништо за овој случај бидејќи се работи за полициска истрага. Генерално имаме блиска соработка со полицијата“, изјави Габриел Вернштет, портпарол на Службата за безбедност.
Момика стана познат откако пред неколку години го запали Куранот во Шведска. Неговите демонстрации против исламот предизвикаа дипломатска криза во Шведска за време на нејзиниот процес на пристапување во НАТО и придонесоа за зголемување на нивото на терористички закани во земјата.
Момика беше обвинета за поттикнување омраза против етничка група во врска со четири одделни инциденти со палење на Куранот во 2023 година. На крајот на мај минатата година, Момика, чија татковина е Ирак, доби обновена дозвола за привремен престој во Шведска за една година.