Гаши: Немам ингеренции да предлагам претседател на Комисијата за социјална политика
Собранискиот спикер потенцира дека ако „Европскиот фронт“ не предложи претседател на Комисијата на местото на Илире Даути, тогаш тоа прашање се решава само преку Комисијата за прашањата на изборите и именувањата.
„Претседателот на Собрание нема право сам да предлага претседател на Комисијата до Комисијата за избори и именувања. Што се однесува до претседателот на Комисијата, јас немам ингеренции да одредувам претседател. Јас имам право да одредам пратеник да ги води седниците. Ако доаѓаат закони, а не се свикуваат седници, ако нема претседател нормално дека нема да се свикуваат седници, тогаш јас ќе одредам пратеник кој ќе ги води седниците“, рече Гаши.
Пратеничката на „Европскиот фронт“ и претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути на 16 јануари поднесе оставка од функцијата, откако на пленарна седница на 10 јануари со поддршка од 61 пратеник и 22 против беше изгласана интерпелација за неа.
Интерпелацијата во ноември ја поднесе пратеничката група од „Левица“ поради тоа што Даути, како што беше посочено, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители, поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава.
Образложувајќи ја оставката, Даути посочи дека тоа е врв на срамот што се случил во Собранието и порача дека нејзиното дејствување за ставање на дневен ред на Законот за бранители е врз основа на членот 3 и оти нема да прифати различни услови на дејствување надвор од Деловникот.