Возачот кој усмрти 22 годишна девојка возел без дозвола,пиел алкохол и поминал на црвено
„Осомничениот 20-годишник, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко по десната сообраќајна лента од булеварот. Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето“, соопштија од ОЈО.
Според Обвинителството, осомничениот поминал на црвено светло и со предниот лев дел од возилото удрил во девојката која ја преминувала улицата на пешачки премин.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог да му се определи мерка притвор.
Според Обвинителството, на истото лице и претходно му бил определен притвор, за друго дело - неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Скопскиот Кривичен суд донел пресуда со која го упатил осомничениот во воспитно -поправен дом во Тетово. При изрекување на пресудата, Судот му го укинал притворот, при што Јавниот обвинител вложил жалба и предметот е во жалбена постапка, соопштија од Обвинителството.
Претходно, МВР соопшти дека несреќата се случила вчера во 23:43 часот, каде автомобил „пежо 207“ со скопски таблички управуван од В.Ј.(20) од Скопје, удрил во пешакот Ф.К.(22) од Скопје.
„Од здобиените повреди на местото на несреќата починала Ф.К., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото извршиле увидна екипа на СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатата било дадено на обдукција“, соопштија од МВР.