Поскапо парно за 5 отсто за дел од скопските домаќинства
Како што истакна Бислимоски, причина за поскапувањето е зголемувањето на цената на природниот гас на светските берзи и намаленото производство на ТЕ-ТО во последниот квартал од 2024 година кое наместо 60 отсто учествувало со 51,9 отсто во производството на топлинска енергија. Додаде дека цената за производство на топлинска енергија на ТЕ-ТО е за 35 отсто пониска отколку цената на топланите, а ТЕ-ТО не работело доволно зашто цената на природниот гас не му одговарала за производство на струја како примарен производ.
„Зголемувањето на сметките за просечно домаќинство во Градот Скопје ќе биде 100 денари за корисниците на топлинска енергија кои се снабдуваат преку овие ќерки фирми на АД ЕСМ. Досега месечниот трошок за топлинска енергија им изнесуваше 2100, а сега ќе изнесува 2200 денари“, рече Бислимоски.
Бислимоски вели дека РКЕ во текот на следната недела ќе го разгледа и ќе донесе одлука по барањето за цена на ЕСМ Енергетика кои снабдуваат околу 2000 корисници.
Се очекува наскоро и топланата Скопје Север да поднесе барање за зголемување на цената на парното во тој дел од градот Скопје. Одлуките на РКЕ за новите цени за овие корисници ќе се носат во февруари и ќе се применуваат од 1 март годинава.
„Ја следиме состојбата на берзите и доколку и понатаму растат, еден од предлозите на РКЕ за цената на топлинската енергија ќе биде во насока за да избегнеме натамошни ценовни шокови. Од анализите кои константно ги правиме се уште се најниски трошоците за топлинска енергија преку организираниот систем на греење кој постои во градот Скопје, а не треба да се заборави и комодитетот што се обезбедува при овој начин на греење“, потенцира Бислимоски во одговор на новинарско прашање.
РКЕ лани на 29 февруари донесе одлука со која за 35 проценти ја намали цената за парното греење за сите деловни корисници во град Скопје. Тоа, како што тогаш информираше Бислимоски, се должеше на намалувањето на цената на природниот гас на берзите.