Десетици илјади луѓе ги пречекаа белградските студенти на улиците на Нови Сад
На мостот Дуга студентите со црвен тепих беа пречекани од нивните колеги од Нови Сад, со кои разменија знамиња на двата града и знамињата на универзитетите во Белград и Нови Сад.
Оттаму тие заедно пешачеа низ централните градски улици до Железничката станица, каде што со петнаесетминутно молчење им оддадоа почит на загинатите во уривањето на настрешницата во Нови Сад.
На 30-ти јануари, студентите од Белград тргнаа пеш кон Нови Сад за да им се придружат на своите колеги во блокирањето на три моста на реката Дунав на 1-ви февруари.
На овој начин ќе одбележат три месеци од загинувањето на 15 лица во уривањето на реконструираната бетонска настрешница на Железничката станица.
Десетици илјади граѓани направија линија по целиот центар на Нови Сад каде поминуваа студенти.
Со аплаузи, огномети и конфети, прегратки и солзи, граѓаните фрлаа цвеќиња пред учениците и им закачуваа медали на врат.
Тие ги пречекаа со транспарент „Па каде сте белграѓани“, а ги носеа и пораките „Не сте сами“, „Студенти, добредојдовте“, „Вие сте љубов, вера и надеж“.
На чело на колоната студенти стоеше транспарент на кој пишуваше „Некои нови деца, Белград - Нови Сад“ со срце меѓу имињата на двата града и знамето на Универзитетот.
Студентите во првите редови од поворката од Белград носеа венци со имињата на 15-те загинати во уривањето на настрешницата што ги положија пред Железничката станица.
Откако им оддадоа почит на жртвите, белградските студенти се упатија кон новосадските факултети каде што ќе преноќат.
Група студенти кои тргнаа од Белград со велосипед претходно пристигнаа во Нови Сад, а пред Железничката станица ги пречекаа новосадски велосипедисти.
Владата на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека барањата на студентите се исполнети.
Студентите во блокадата порачаа дека Вучиќ не е одговорен за исполнување на нивните барања, дека барањата не се исполнети и дека ќе продолжат со протестите.