Мексико, Канада и Кина најавија одговор на тарифите наметнати од САД
Потпишувајќи ја извршната наредба за воведување царини, Трамп изјави дека тие ќе бидат 25 отсто за Канада и Мексико и десет отсто за стоки од Кина.
Тарифата од 25 проценти ќе важи за сите стоки од Канада, освен за енергетските производи, кои ќе подлежат на стапка од десет проценти.
По овој потег, Канада, Мексико и Кина најавија контрамерки.
Трамп претходно најави дека САД ќе воведат даноци за увоз, поради загриженоста за „илегалната миграција и трговијата со дрога“.
„Објавата за тарифите е неопходна за да се повикаат на одговорност Кина, Мексико и Канада за нивните ветувања дека ќе го спречат влегувањето на дрогата во САД“, соопшти Белата куќа.
Трамп на платформата Truth Social изјави дека „ова е направено преку Меѓународниот акт за економски овластувања за вонредни состојби, поради големата закана од нелегални вонземјани и дрога, вклучително и фентанил“.
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум веднаш нареди контратарифи како одговор на одлуката на САД.
Му наложив на министерот за економија да го спроведе „Планот Б“ на кој работиме, а кој вклучува тарифни и нетарифни мерки за заштита на интересите на Мексико“, напиша таа на социјалната мрежа Х.
Канадскиот премиер Џастин Трудо исто така истакна дека неговата земја ќе одговори.
Трудо најави дека неговата земја ќе воведе увозни царини од 25 отсто на американски стоки во вредност од 155 милијарди долари почнувајќи од 4 февруари како одговор на активностите на Вашингтон.
Тој, исто така, истакна дека ова ќе биде проследено со дополнителни царини за американски стоки во вредност од 125 милијарди долари за 21 ден, за да им се даде време на канадските компании да најдат алтернативни партнери.
Кинеската влада исто така го осуди воведувањето на тарифите, нагласувајќи дека Пекинг ќе ги оспори пред Светската трговска организација и ќе преземе „контрамерки“.
Указот на Трамп вклучува опција да се зголеми доколку некоја земја воведе одмазднички мерки против Вашингтон.
Објаснувајќи го воведувањето на давачките, тој претходно изјави дека „Канада е одговорна за големи количини на шверц на дрога во САД“. Тој изјави дека дрогата „влезе во земјата преку Мексико, а ја произведува и Кина“.
Кина, Мексико и Канада заедно сочинуваа повеќе од 40 отсто од американскиот увоз минатата година.