Камбовски: Ќе се разгледува секој предмет и ако има пропуст ќе се санкционира
„Се работи за случај кој што ја потресе целата држава, сите сочуство изразуваме до семејството. Не би сакал сега во вакви моменти на чувства што ги има кај сите граѓани да се носат некои избрзани одлуки или заклучоци. Не е добро да се прават такви некои брзи промени во законот“, рече Камбовски прашан за реакцијата кај јавноста во врска со случајот со Фросина Кулакова, која беше жртва на сообраќајна несреќа.
Во врска со тоа дека судијката Алексоска-Стојановска дала преблага казна во претходен случај за сторителот на ова дело и дали ќе се истражува нешто околу целата ситуација, тој истакна дека не е запознаен со случајот, со тоа кои биле доказите и каков бил настанот.
Не сакаше да коментира во врска со одлуката се додека не го види целиот предмет, но рече дека ќе се разгледува секој случај каде има пропусти.
„Сигурно дека ќе се разгледува, секаде каде што има пропуст ќе се санкционира. Сите се залагаме за владеење на правото. Не познавам никој што се согласува со вакви состојби да ни се случуваат“, вели Камбовски.
Прашан дали Судски совет ќе ја повика на разговор конкретната судијка тој не сакаше да прејудиуцира за постапките на Судскиот совет за предметот.
Во однос на тоа дали ќе отворат истраги за корумпираност во одредени случаи и за тргување со влијание, Камбовски го посочи Јавното обвинителство како одговорно за истрагите за корупција.
Претседателката пак на Академија за судии и обвинители Ирина Трајковска Стрезоски оцени дека се пожелни построги казни за сторителите и оти е подготвен нов кривичен законик.
„Не станува збор за самоволие на судии, сите судии се професионалци кои работат согласно законот. Сметам дека би биле пожелни построги казни. Изготвен е веќе кривичниот законинк, даден е на превод и треба до крајот на годината да биде доставен до Венецијанската комисија, а потоа да почне постапка за негово донесување. Тоа е одлука на Парламентот“, вели Трајковска Стрезоски.
Таа додаде дека за одговорност на судијата сега не би требало да станува збор, затоа што како што вели, судијката ја познава лично и смета дека професионално работи. Сепак додаде дека, тоа е одлука на Судскиот совет.
Дваесет и двегодишната модна дизајнерка од Неготино Фросина Кулакова минатата недела беше прегазена на пешачки премин од страна на дваесетгодишниот В.Ј. од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин.
На дваесет годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.