Продолжува штрајкот во некои српски училишта
Некои училишта донесоа одлука за прекин само за денеска, додека за наредните денови допрва ќе одлучуваат, додека други веќе решија да не одржуваат настава цела недела или до понатамошно известување, соопштија од Независниот синдикат на просветните работници на Србија (НСПРС), кој не е репрезентативен.
Од НСПРС нагласуваат дека е тешко да се утврди точниот број училишта што штрајкуваат, но потенцираат дека протестите продолжуваат и покрај тоа што репрезентативните синдикати се согласија на мораториум на штрајковите со потпишувањето на Посебниот колективен договор.
Независниот синдикат одлучи наставата во училиштата каде што членуваат нивни наставници да остане во прекин до понатамошно известување, без намера за повлекување на оваа одлука.
Штрајкот започна на 20 јануари, кога требаше да почне второто полугодие, како знак на поддршка за студентите и нивните барања, но и како реакција на договорот на репрезентативните синдикати со Владата за покачување на платите.