Проширена истрагата за „Адитив“, осомничени осум нови лица
„Како резултат на обезбедениот доказен материјал, донесена е уште една наредба за спроведување на истражна постапка против 11 лица за кои постои основано сомнение дека три лица опфатени со претходната истрага сториле и кривично дело „перење пари“ и други приноси од казниво дело. За истото дело се осомничени и уште пет други лица од кои првоосомничената се товари и за кривично дело „злосторничко здружување“. На три лица опфатени со истражната постапка им се става на товар дека ја злоупотребиле службената положба и овластување. Воедно, во предметот покрај досегашните четири кривично одговорни правни лица опфатено е уште едно правно лице чиј сопственик и управител е првоосомничената“, соопшти ОЈО.
Ценејќи дека се исполнети условите, се вели во соопштението, Обвинителството до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе предложи мерка притвор против првоосомничената и мерки на претпазливост за останатите осум осомничени, додека за тројцата осомничени за кои веќе се води истражна постапка остануваат претходно изречените мерки за обезбедување на присуство.
Во меѓувреме, на предлог на Обвинителството дополнително се замрзнати 22.399.953 денари и едно патничко моторно возило во вредност од 4.735.000 денари.
Истрагата за предметот „Адитив“ започна на 10 декември лани и со него се опфатени 23 физички лица и четири правни лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството и кривични дела против службената должност и против правниот сообраќај.
Основниот кривичен суд Скопје му одреди притвор во траење од 30 дена на поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Стефанов и на уште седум лица осомничени за криминал тежок 6,5 милиони евра.
Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на Обвинителството и определи мерка притвор во траење од осум дена за поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, кој е недостапен за органите на прогонот, а исто така осомничен во предметот Адитив.