Нетанјаху во Вашингтон на разговори за втората фаза од примирјето во Газа
Израелскиот премиер вчера пристигна во САД, со што стана првиот странски лидер што го прими Трамп откако тој ја презеде функцијата за втор мандат.
Посетата на Нетанјаху се совпаѓа со продолжувањето на разговорите меѓу Израел и Хамас за втората фаза од прекинот на огнот во Појасот Газа, при што се очекува да бидат ослободени и на тој начин да се стави крај на последните израелски заложници држени од палестинската вооружена група на војната што започна по невидениот напад на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година.
Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.
Нетанјаху денеска треба да се сретне со специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф. Подоцна оваа недела тој ќе разговара со премиерот на Катар и висок египетски функционер, кои заедно со САД посредуваат во преговорите.
Израелскиот премиер утре ќе разговара со Трамп за, како што изјави Нетанјаху пред да замине за САД „победата над Хамас, враќањето на сите заложници и борбата против иранската оска во сите нејзини димензии“.
Се верува дека Хамас држи уште околу 50 заложници.
Трамп синоќа рече дека разговорите за Блискиот Исток со Израел и неколку други земји „се движат напред“. По Нетанјаху, на 11 февруари, тој треба да го прими и јорданскиот крал Абдула Втори.