Кризата на Блискиот Исток во фокус на средбата Трамп-Нетанјаху
Нетанјаху пристигна во Вашингтон во неделата заради оваа посета, потсетува ДПА.
„Ова е важна средба што ја зајакнува длабоката алијанса меѓу Израел и САД и ќе ја подобри нашата соработка“, напиша израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, на платформата X.
Односите меѓу двете земји во последно време се затегнати поради израелските воени дејства во Појасот Газа и Либан, како и критиките од страна на поранешниот американски претседател Џо Бајден. За разлика од него, Трамп е помалку критичен кон акциите на израелската армија.
Средбата меѓу двајцата лидери, исто така, има за цел да ги подготви следните преговори меѓу Израел и палестинската исламистичка групација Хамас за продолжување на примирјето во Газа.
Нетанјаху ќе се сретне и со американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, кој одигра клучна улога во актуелната размена на израелски заложници за палестински затвореници.
Според медиумските извештаи, Трамп и Нетанјаху исто така ќе се обидат да постигнат напредок кон постигнување договор за нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија.