На Газа и се потребни 6,5 милијарди долари за привремено сместување на Палестинците
Претставник на Палестинската управа изјави дека за итни потреби се неопходни 6,5 милијарди долари за привремени живеалишта за над два милиона луѓе во Газа, пред воопшто да започне процесот на долгорочна обнова на енклавата.
Специјалниот американски пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, минатата недела процени дека обновата може да трае 10-15 години. Во меѓувреме, жителите на Газа ќе мора да најдат каде да живеат. Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, по прекинот на огнот повторно ја презема контрола врз Газа и тврди дека итно се потребни 200 000 шатори и 60 000 монтажни куќи.
Во египетскиот град Ел-Ариш, недалеку од граничниот премин Рафа, околу 1.000 камиони со помош-вклучувајќи храна, медицински материјали, монтажни куќи и шатори – чекаат дозвола за влез во Газа.
Два египетски извори изјавија дека тешка механизација за расчистување на урнатините е подготвена на границата и можно е да биде испратена веќе утре.
Претставник на Светската програма за храна, Антоан Ренар, изјави дека увозот на храна во Газа се зголемил два до три пати по примирјето, но сепак постојат пречки за испорака на медицинска опрема и засолништа, бидејќи Израел ги смета за можни „двојни намени“ – и цивилни и воени.
Повеќе од половина милион луѓе кои избегаа од северот на Газа се вратиле во своите домови, но таму ги пречекуваа урнатини и остатоци од нивните поранешни живеалишта.