ЕУ размислува за одговор на можните санкции на САД
Говорејќи на 2 февруари, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека „ЕУ не ги зема нашите автомобили, тие не ги земаат нашите земјоделски производи, тие не земаат речиси ништо, а ние им земаме сè“ - навестувајќи дека блокот би можел наскоро да се соочи со царини.
За многу функционери во Брисел, прашањето е кога, а не дали.
Официјалните претставници на ЕУ со кои разговарав мислат дека американските царини би можеле да дојдат уште во март, бидејќи американскиот претседател го одреди април како краен рок на американските агенции за да ги истражат „нефер практиките“. (Дипломатите на ЕУ ретко зборуваат за такви работи, претпочитајќи да ги информираат новинарите за позадината.)
Дотогаш, европските дипломати ќе работат прекувремено, а многумина сè уште веруваат дека може да се постигне договор. Нивната тактика е едноставна: останете смирени и фокусирајте се на акциите на САД, наместо на изјавите!
„Ајде да видиме како ќе реагираат пазарите“, ми рече денес еден висок дипломат на ЕУ, надевајќи се дека ставот на ЕУ- дека трансатлантската трговска војна ќе им наштети на двете страни - ќе биде забележан на Волстрит, во Белата куќа и во Конгресот.
Или, како што рече утрово шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас: „ таа што се смее од страна е Кина“.
Многу работи се во прашање овде.
Трговијата и инвестициите на ЕУ и САД сочинуваат 42 отсто од глобалниот бруто домашен производ (БДП). Минатата година билатералните трговски текови имаа вредност од 1,6 милијарди евра (1,64 трилиони долари), а ЕУ и САД имаат инвестирано повеќе од 5 милијарди евра во нивните економии.
Официјалните претставници и дипломатите на ЕУ се надеваат дека ќе го оправдаат својот став кога американските официјални лица ќе почнат да доаѓаат кон Европа следната недела.
Новиот секретар за одбрана на САД, Пит Хегсет, се очекува во Брисел на состанокот на министрите за одбрана на НАТО на 13 февруари. Неколку дена подоцна, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио се очекува да бидат на Минхенската безбедносна конференција, кој ги обединува светските лидери, претставниците на одбраната и надворешно-политичките лидери.
Една од картите што ЕУ ја има во својата рака е што продолжува да купува повеќе американски течен природен гас (LNG). Со оглед на тоа што Трамп дозволува дополнителна експлоатација и се надева дека ќе извезе уште повеќе природен гас, а Европејците се очајни за одвикнување од увозот на руски гас, претставниците на ЕУ се надеваат дека тоа ќе се смета за вин-вин ситауција.
Друг начин на „извртување“ на работите е да се купи повеќе американско оружје од САД. Новата администрација на Трамп ги повикува Европејците да ги зголемат трошоците за одбрана, а Брисел сака да потроши повеќе пари за оружје - така што „купете американско“ може да биде дел од решението.
Дозволувањето на големите американски технолошки компании како Х и Мета, кои управуваат со Фејсбук, да ги избегнат потенцијално високите казни од ЕУ со кои би можеле да се соочат за наводно кршење на регулативите за онлајн содржината на блокот е уште една тактика што ЕУ може да ја користи.
Но, сè уште има значителни пречки. ЕУ долго време извезува повеќе стоки во САД отколку што увезува преку Атлантикот. Во 2023 година трговскиот дефицит изнесуваше 155 милијарди евра, што нема да се врати брзо само со купување на повеќе ЛНГ и повеќе цистерни.
Потоа се поставува прашањето за европското единство. Трговијата се води на ниво на ЕУ, што значи дека Брисел ги склучува договорите, наместо поединечни земји. Но, некои земји-членки се повеќе извозно ориентирани и поранливи од другите - помислете само на Германија со сите нејзини луксузни автомобили.
Ако се воведат царини, ЕУ ќе одговори, но не „долар за долар“, како што ми рече еден дипломат од ЕУ. Од минатата година, Европската комисија е зафатена со подготвување потенцијални таргети.
Порано имаше трансатлантски трговски спорови. За време на првиот мандат на Трамп, САД воведоа царини за челик и алуминиум, а Брисел одговори со царини за класичните американски стоки како Харли Дејвисон и бурбон.
Но, реалноста е дека на Европа повеќе и е потребна Америка и за безбедност и за извоз, отколку што на Америка и е потребна Европа. Европските лидери го знаат тоа. Исто и Трамп.