Уставен: Нема дискриминација во разрешувањето на Муслиу од Сиљановска-Давкова
„Судот едногласно одлучи дека нема ниту полова, ниту политичка дискриминација во одлуката за негово разрешување од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова“, изјави уставната судијка Ана Павловска-Данева по денешната седница на Уставниот суд.
За политичката дискриминација, како што посочи таа, судот констатирал дека директор на Агенцијата не бил, ниту смеел да биде член на политичка партија, исто како и претседателот кој ја донел одлуката за негово разрешување.
Во однос на половата дискриминација, пак, судијката посочи оти изјавите на Сиљановска-Давкова во изборната кампања дека жените треба да бидат повеќе застапени на највисоките функции, сама од себе не може да биде основа за дискриминација.
Муслиу претходно реагираше дека бил дискриминиран по основ на пол и политичка припадност и оти во одлуката на претседателката нема никакво образложение од кое може да се утврди дека е разрешен поради нестручно и несовесно извршување на функцијата.
Сиљановска-Давкова одлуката за разрешување ја донесе на 28 јуни 2024 година односно месец и половина по преземањето на функцијата. Тој беше назначен за директор на почетокот на мандатот на поранешниот претседател Стево Пендаровски, во мај 2019 година, а по втор пат ја доби довербата да ја води Агенцијата во мај 2023 година.
Во јуни годинава, на негово место Сиљановска-Давкова ја назначи Габриела Јаковлева.
Според Законот за Агенција за разунавање, директорот го именува и разрешува претседателот на Република Северна Македонија.