Уставен го поништи Законот за солидарен данок
По гласањето на судиите, претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, на прес-конференција појасни дека компаниите сега ќе можат во рок од пет години, доколку сметаат дека им биле повредени правата, да бараат да им бидат вратени парите.
Набргу по одлуката, од Министерството за финансии се огласија дека откако таа ќе биде објавена во Службен весник, тие ќе постапат и ќе ги „сервисираат создадените обврски од Буџетот“.
Постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон Уставниот суд ја поведе на 20 ноември лани, а на денешната седница (5 февруари) беше донесена конечната одлука.
Данокот на солидарност беше воведен од минатата власт како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Овој данок го плаќаа компаниите кои во 2022 година остварија вкупен приход поголем од 615 милиони денари (10 милиони евра). Целта беше да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин.
Ваквиот Закон пред Уставен беше оспорен со повеќе иницијативи, меѓу кои од Стопанската комора, Стопанската комора на Северозападна Македонија и неколку други поединечни фирми.
Кога во ноември судот реши да ја испитува уставноста изрази сомнеж дека Законот го повредува владеењето на правото и фундаменталните принципи, како што е правната сигурност на субјектите, правната предвидливост и правната извесност.
Исто така, во дебатата беше посочено дека со донесување на обврската за еднократен солидарен данок за фирмите со приход над 10 милиони евра, компаниите се ставаат во нееднаква положба и дека парламентот направил упад во уставно загарантирано право на сопственост, како и упад во слободата на пазарот и претприемништвото.
Во јануари, премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека доколу се поништи Законот и треба да се вратат 50 милиони евра на компаниите, државата ќе го направи тоа.
Тој тогаш рече дека воедно ќе се разгледа и можноста за кривична одговорност на „тие кои донесоа одлука на ваков начин да се води економијата зашто дефакто Буџетот е оштетен“ односно дека утре некој може да бара и камати ако Уставен го укине Законот.
Законот за солидарен данок беше усвоен од Собранието во септември 2023.