Еврокомесарката Кос ја повика Србија да ги истражи инцидентите против демонстрантите
„Има сведоштва за инцидентите против демонстрантите. Очекуваме целосна, непристрасна и брза истрага. Насилството не треба да се толерира. Очекуваме дека српската полиција ќе продолжи да ја обезбедува безбедноста на демонстрантите. Јазик кој поттикнува насилство и недостиг на меѓусебна почит, не може да биде решение“, наведе европската комесарка во своето отворено писмо кое го објави на веб страницата на Европската комисија.
Кос потврдува дека лично ги следи протестите во Србија, но и дека примила неколку писма од членови на српската академска заедница, политички претставници и организации во кои се изразува загриженост поради моменталната ситуација во земјата.
Таа порачува дека слободата на собир е фундаментална вредност на заедничкиот европски проект и тоа треба да се почитува.
Кос повтори дека приоритет на ЕУ и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен е поддршката на Србија во напредувањето на нејзиниот пат да стане дел од Унијата. Меѓутоа, Кос истакнува дека патот кон членство во ЕУ опфаќа реформи кои „ги вградуваат нашите заеднички вредности во законодавството и праксата, а патот на Србија кон ЕУ нуди решенија за многу прашања кои денес се во центарот на разговорите“.
„Реформите кои се дел од процесот за пристапување кон ЕУ ќе ја зајакнат борбата против корупцијата, ќе обезбедат независност на правосудството и одговорност на институциите, ќе ја промовираат слободата и плурализмот на медиумите и ќе ги подобрат изборните услови. Доколку се спроведат правилно, овие реформи ќе имаат трансформирачки ефект кој ќе им користи на сите граѓани и ќе ја приближи Србија кон ЕУ“, порача еврокомесарката за проширување.
Марта Кос наведе дека е важно да се создадат услови за инклузивен дијалог кој ги вклучува сите заинтересирани страни, политички актери, институции и членови на цивилното општество кои ќе се занимаваат со реформите кои се неопходни за европската иднина на Србија.
Тоа, како што наведе, ќе го зајакне српското општество и ќе го консолидира патот на земјата кон членство во ЕУ.
Ова е прво огласување на повисоко ниво од европските институции по повод ситуацијата во Србија од почетокот на протестите во ноември ланската година.
Официјалните лица на ЕУ досега се огласија единствено по бројните прашања на новинарите за ситуацијата во Србија, а реакциите главно се однесуваа на демократското право на мирни протести.
Фон дер Лајен вчера (4 февруари) имаше телефонски разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ. За овој разговор се огласи само Вучиќ, но не ги спомена протестите во земјата. Претседателката на Европската комисија не наведе дека разговарала со нејзиниот српски колега, како што обично прави преку социјалните мрежи.
Исто така, нејзиниот тим за односи со јавноста не одговори на прашањата на Радио Слободна Европа за причината за разговорот, или дали протестите биле споменати во телефонскиот разговор.
Дел од студентите во Србија повеќе од од два месеца блокираат над 60 државни факултети на пет универзитети, барајќи исполнување на четири барања.
Студентите бараат да биде објавена целата документација за реконструкцијата на главната железничка станица во Нови Сад, итно гонење на цивилите кои ги напаѓале на протестите, повлекување на обвиненијата против уапсените демонстрациите, како и 20 проценти повеќе средства за трошоците на факултетот.
Српските власти тврдат дека ги исполниле барањата. Студентите го негираат ова и продолжуваат да протестираат.