Камбовски: Секој може да поднесе иницијатива, но сите мора да делуваат по закон и Устав
„Во повеќе наврати сум дал изјави мислења во поглед на постапка за разрешување на членови на Судскиот совет. Единствено место каде што тоа е предвидено е во Законот за судски совет. Иницијативи може да се поднесуваат до Собранието, секој има право да поднесува иницијативи, рече Камбовски.
Прашан што доколку бидат разрешени членовите на Советот, одговори дека не сака да шпекулира но оти нема да причина да се сомнева дека Собранието и Владата работат согласно закон и Устав.
„Сите работиме согласно на закон и Устав. Немаме причина да се сомневам дека и Собранието и Владата работат согласно на тие принципи, рече Камбовски кој е дел од групата во Министерството за правда што го подготвува законот за Судски совет.
На прашање дали би го поканил премиерот Христијан Мицкоски на средба за да се расчистат дилемите, Камбовски одговори дека „кај него нема дилема доколку се зборува за законско постапување“.
„Секогаш сум отворен за разговор и за соработка со останатите две власти во државата. Не заради мене, не заради судската власт, туку за граѓаните, изјави Камбовски.
Очигледно е, подвлече тој, дека постои некое незадоволство спрема одделни членови во Судски совет. Но, посочи, сите власти во државата мораат да делуваат согласно законот и Уставот.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека граѓаните се незадоволни од функционирањето на судско-обвинителскиот систем кој, како што рече е „мочуриште преполно со контроверзии и скандали“. Пратеничката групана ВМРО ДПМНЕ денеска најави дека поднесува иницијатива за разрешување на членовите на судскиот совет.
Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира избира Собранието со Бадентерово мнозинство. Други двајца ги предлага претседателот на државата, но изборот го врши Собранието. Еден од овие двајца членови треба да биде припадник на помалите етнички заедници.
Осум члена, пак, ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори со тоа што тројца од нив се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државава. Двајца (претседателката на Врховниот суд и министерот за правда) се само по функција членови, може да присуствуваат на седници, но немаат право на глас.
Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2023 година беше поднесен во април лани, а пратениците за него се изјаснија негативно.