Иранскиот врховен лидер ја отфрли можноста за разговори со САД
Коментарот дојде неколку дена откако претседателот Доналд Трамп зборуваше за склучување договор во кој Иранците би можеле да „продолжат“ со своите животи.
„Реалноста што мора да ја разбереме е дека преговорите со Америка немаат ефект во решавањето на проблемите на земјата“, рече Хамнеи на 7 февруари во годишното обраќање до офицерите на иранските воздухопловни сили.
Иранскиот врховен лидер, кој го има последниот збор за сите државни прашања, инсистираше на тоа дека „не би било интелигентно, мудро или чесно“ да се преговара со Вашингтон.
Неговите коментари доаѓаат во време кога иранските власти со месеци сигнализираа дека Техеран е отворен за разговори со американскиот претседател Доналд Трамп.
Самиот Трамп повика на нов нуклеарен договор со Иран, велејќи дека сака Иран „мирен да расте и да напредува“ се додека нема нуклеарно оружје.
Републиканскиот претседател на 4 февруари ја врати кампањата за „максимален притисок“ врз Иран што беше камен-темелник на неговата политика кон Исламската Република за време на неговиот прв мандат, иако Трамп исто така рече дека би сакал да започне да работи на „проверен нуклеарен мировен договор“.
Во 2018 година, Трамп ги повлече Соединетите држави од историскиот нуклеарен договор меѓу Иран и светските сили. Исто така, повторно воведе санкции кои беа укинати според условите на тој договор.
Хамнеи го посочи укинувањето на нуклеарниот договор од страна на Трамп како доказ дека „преговорите со Америка се бесмислени“.
Коментарите на иранскиот лидер предизвикаа реакции на социјалните мрежи, а некои велат дека неговите забелешки всушност ја исклучуваат можноста за разговори со САД. Други тврдат дека тој не издаде формална забрана за преговори со Трамп и дека неговите коментари не треба да се земаат во номинална вредност.
Пред точно 12 години, за време на неговото обраќање пред офицерите на воздухопловните сили во 2013 година, Хамнеи рече дека „преговорите со Америка нема да ги решат проблемите“.
Додека ги даваше тие коментари, иранските и американските официјални лица се подготвуваа да одржат уште една рунда тајни разговори кои на крајот го отворија патот за преговорите што доведоа до нуклеарниот договор од 2015 година.