Филков: Потребно е проширување на листата на кривични дела против безбедноста во сообраќајот
„Со оглед на забележаното зголемување на несреќите, сметаме дека е неопходно итно да се разгледаат нови стратегии и решенија кои ќе вклучат: зголемување на санкциите за возачи кои ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот, потребно е да се подобрат казнените одредби во однос на прекршителите, поткрепени со детална анализа на практиката на изрекување и спроведување на казните. Ова ќе ни помогне да утврдиме дали во пракса казните се адекватни, дали преовладува тенденција на изрекување на поблаги санкции“, рече Филков пред пратениците и претставниците на институциите.
Министерот смета дека при изготвување на измени на законската регулатива, особено во делот на санкциите, потребно е да се тргне од тоа дали казните за прекршувачите на сообраќајните правила се соодветни и доволно ригорозни за да имаат одвраќачки ефект.
„Потребно е да се иницираат законски измени кои ќе ја прошират листата на кривични дела против безбедноста во сообраќајот. Потребна е измена и на тешките кривични дела кои вклучуваат опасност за животот и имотот на луѓето, како и на неукажувањето помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, рече тој.
Министерот смета дека треба да се примени превентивен пристап за да се спречи можноста за повторување на прекршоците или кривичните дела во сообраќајот. Ова, според него, ќе ги мотивира возачите да ја подобрат својата сообраќајна култура и да ги почитуваат сите правила.
Филков информираше дека министерствата за правда, за внатрешни работи, судии од Одделот за прекршоци во Кривичниот суд Скопје и универзитетски професори, работат на интензивна имплементација на новите законски измени во Законот за прекршоците како и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во контекст на овој процес, формирана е работна група за дополнување на законските решенија, со посебен фокус на намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
Сите измени, според Филков, имаат за цел и се стремат да го намалат бројот на сообраќајните незгоди, особено оние кои резултираат со смртни последици и да ги заштитат животите на сите учесници во сообраќајот.
Комисијата за политички систем организираше јавна расправа по сообраќајната несреќа во која загина Фросина Кулакова.
Дваесет и двегодишната Фросина на 29 јануари беше прегазена на пешачки прекин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Ја прегази дваесетгодишник кој возел со голема брзина, на пешачки премин и под дејство на алкохол, поминувајќи со возилото додека било вклучено црвеното светло на семафорот.