Другарките на Фросина: „Ние сме глас на болката, бесот и стравот“
Росица Кулакова, сестра на Фросина се заблагодари на сите кои покажале дека се против неказнивоста на ваквите дела и, како што рече, корумпираноста во судството.
Порача дека коренот на сите проблеми во општеството доаѓа од судскиот систем кој „има неприкосновена обврска да покаже и докаже дека злоделата мора да бидат соодветно казнети, бидејки законодавецот предвидел многу повисоки казни од оние што судот во пракса ги досудува“.
„Доколку судијката му го продолжила притворот се до правосилност на одлуката, а по вчерашната одлука на Апелација тој само ќе беше спроведен во затвор - мојата сестра Фросина денес ќе беше жива. Затоа бараме одговорност и од судијката Даниела Алексовска Стојановска“, рече Росица зборувајќи за информациите дека возачот кој ја прегазил нејзината сестра им бил познат на органите на прогонот од претходно.
За прегазувањето осомничен е 20-годишниот скопјанец Васил Јованов, кој според Обвинителството, никогаш не поседувал возачка дозвола, а во моментот на трагичниот настан бил во алкохолизирана состојба. Според официјалните информации тој поминал на црвено, со брзина над дозволената, на пешачки премин.
Во името на другарките на Фросина, на протестот се обрати Катерина Недева, која посочи дека ова е израз на нивната болка и бес за загубата на еден млад живот против насилството во сообраќајот.
„Ова мора да престане! Изнајдете начин вие што ја имате моќта на одлучувањето во свои раце - во законските рамки, во воспитната превенција, во правичното и неселективно судство. Секој чекор од овој протесен марш е порака до вас. Почнете! “, нагласи Недева.
Ние не сме овде, порача таа, за да бидеме бројка, туку само обични ранливи луѓе кои лесно можат да станат жртва на некој алкохолизиран возач без возачка дозвола.
„Ние не сме статисти! Ние сме глас на болката, глас на бесот, глас на стравот, глас на општеството со црвена дамка. Погледнете во нас и разберете го родителот кој е клекнат на колена. Погледнете во нас и видете го маршот на вознемирените луѓе кои знаат дека нивниот страв е почеток на храброста да се борат против смртоносните траги на асфалтот. Должината на овој марш се мери со големината на нашата заедничка одговорност, затоа судете праведно, казнувајте строго, воспитувајте посветено“, апелираше Недева.
На протестот, барајќи правда, дојдоа и блиски на претходно загинатите Михаела Стеваноска, Слободан Ангеловски, Ивица Цековски, Мите Танов и други, посакувајќи ова низ што тие минуваат, никому да не му се случи. Но, побараа и ревизија на сите сомнителни судски случаи.