Хамас ослободи тројца заложници, а Израел 183 палестински затвореници
Откако израелските заложници беа предадени на Црвениот крст и пристигнаа во Израел, ослободените палестински затвореници пристигнаа во Рамала на Западниот Брег.
Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас - кој САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација, стави крај на разорната 15-месечна војна во Појасот Газа, со размена на заложници и 1.000 палестински затвореници и испорака на хуманитарна помош на опустошената палестинска територија.
Денешната размена е петта досега од почетокот на прекинот на огнот на 19 јануари, во кој до денес беа ослободени 18 израелски заложници и 383 палестински затвореници.
Денеска Хамас ги ослободи Охад Бен Ами (56) и Ели Шараби (52), заложници кои беа киднапирани од Кибуц Беери во нападот на Хамас врз Израел во 2023 година, и Ор Леви (34), заложник кој беше киднапиран од музичкиот фестивал Нова.
Тројцата ослободени заложници изгледаа изнемоштено додека милитантите на Хамас ги водеа на бината пред да ги предадат на Црвениот крст, по што стигна предупредување од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ќе следат „соодветни мерки“.
„Поради сериозната состојба на тројцата заложници и повторените прекршувања од страна на терористичката организација Хамас, премиерот Нетанјаху наложи да не се дозволи ситуацијата да остане нерешена и да се преземат соодветни мерки“, се вели во соопштението на неговиот кабинет.
Хамас претходно соопшти дека меѓу 183-те палестински затвореници што ќе ги ослободи Израел ќе има 18 лица кои отслужуваат доживотна казна, 54 лица со долги затворски казни и 111 лица кои биле заробени во Појасот Газа за време на војната.
Приближно 33 заложници и 1.900 затвореници се очекува да бидат ослободени до крајот на првата фаза од прекинот на огнот за три недели.
Израел соопшти дека осум заложници се мртви.
Хамас зароби 251 заложник и уби околу 1.200 луѓе кога го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, предизвикувајќи војна.
Најмалку 47.500 Палестинци се убиени во израелската офанзива, според Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас.
На 7 февруари, Хамас го обвини Израел дека го одложил влезот на стотици камиони со храна и други хуманитарни материјали договорени како дел од примирјето.
Шефот на медиумската канцеларија на Хамас во Газа, Салама Ма'руф, на прес-конференција во градот Газа рече дека „хуманитарната ситуација останува катастрофална поради израелската опструкција“, според извештаите на медиумите.
Тој рече дека само 8.500 од очекуваните 12.000 камиони со помош влегле во Газа откако стапи на сила прекинот на огнот.
Тоа тврдење е во спротивност со она на хуманитарниот координатор на ОН, Том Флечер, кој на 6 февруари рече дека 10.000 камиони со храна, лекови и шатори влегле во Газа од почетокот на прекинот на огнот, што тој го нарече „голем пораст“.