Избори на Косово - води Движењето Самоопределување
Според бројот на гласови, следна е Демократската партија на Косово со 22,68 отсто, Демократската лига на Косово со 17,90 отсто, Алијансата за иднината на Косово со 7,56 отсто, Српска листа има 2,98 отсто, а Коалиција за семејството освоила 2,29 отсто од гласовите.
Косовскиот премиер Курти доцна вечерва на 9 февруари изјави дека неговата партија, во коалиција со нејзините партнери, партијата Гуксо и Алтернативната партија, победила на парламентарните избори и ќе ја формира новата Влада на Косово.
„Изборите беа слободни, демократски и фер. Им благодарам на гласачите на Самоопределување и на нашата победничка коалиција. Ние сме први и ова е потврда за нашето добро и прогресивно владеење. Нашата победничка коалиција ќе ја формира новата Влада Курти 3“, рече Курти на прес-конференција во Приштина.
Тој не соопшти никакви бројки за тоа колкав процент од гласовите би можела да освои неговата партија.
„Немаме официјални резултати, но првичните покажуваат дека дури и ако се комбинираат гласовите за второто и третото место, нема да добијат толку многу како Самоопределување“, додаде Курти.
Во споредба со изборите во 2021 година, излезноста на овие избори беше значително помала – падна од над 48 проценти на околу 40 проценти.
Ова, според политикологот Адријан Штуни „е порака до политичарите во Косово“ дека „народот е уморен од агресивна реторика и судири“.
Тој за Радио Слободна Европа вели дека народот на Косово и неговите институции покажале стандарди за пример со организацијата на парламентарните избори.
Државното обвинителство соопшти дека на изборниот ден приведени 8 лица за кривични дела против избирачкото право.
Косовската полиција оцени дека изборниот процес се одвивал мирно и без поголеми инциденти кои би го нарушиле.
Дел од изборите беа 28 политички субјекти и еден независен кандидат, како и четворица кандидати за премиер: Албин Курти од Движењето Самоопределување, Бедри Хамза од Демократската партија на Косово (ПДК), Лумир Абдиџику од Демократската лига на Косово (ЛДК) и Рамуш Харадинај од Алијансата (Алијанса за Демократицизам и други косовски партнери за иднината).
Ова беа први редовни избори од прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година, а право на глас имаа над 2 милиони граѓани во и надвор од Косово.