Трамп ќе најави нови царини, дополнително проширувајќи ја глобалната трговска војна
„Секој челик што доаѓа во Соединетите Држави ќе има царина од 25 проценти“, им рече Трамп на новинарите на бродот „Ер Форс 1“ додека патуваше во Њу Орлеанс за да присуствува на Суперболот - шампионат во американски фудбал кој се смета за најголемиот спортски настан во земјата.
Податоците од владата и индустријата покажуваат дека Канада, Бразил, Мексико и Јужна Кореја се најголемите извори на увоз на челик од САД.
Канада обезбедува речиси 80 отсто од американскиот увоз на алуминиум.
Трамп, исто така, им рече на новинарите дека на 11 или 12 февруари „најверојатно“ ќе воведе „реципрочни царини“ за земјите кои веќе воведоа царини за американските производи.
„Ако ни наплаќаат 130 отсто, а ние ништо не им наплатиме, тоа нема да остане така“, рече Трамп.
Трамп не понуди повеќе детали за неговите планови, иако рече дека алуминиумските производи исто така ќе бидат вклучени во царините.
Експертите велат дека царините може да ја потресат глобалната економија. Тие, исто така, посочија дека американските потрошувачи всушност ќе ги плаќаат царините во форма на повисоки цени за увоз.
На 3 февруари Трамп ги предупреди Американците дека може да се соочат со економска „болка“ од трговските царини што ги објави претходниот викенд за Канада, Мексико и Кина - трите најголеми трговски партнери на Америка.
Тој подоцна рече дека царините за Канада и Мексико ќе бидат прекинати 30 дена, откако лидерите на двете земји ветија посилни гранични мерки за запирање на премините на мигранти и шверцот на дрога.
Трамп, исто така, рече дека воведувањето царини за странски производи ќе помогне да се врати производството на такви производи во Соединетите Држави.
Американскиот претседател се закани и со царини за стоки од Европската Унија, велејќи дека тоа „дефинитивно ќе се случи многу наскоро“.
Тој, исто така, посочи дека и Британија може да биде цел на царини.
Трамп долго време се жалеше на царините на ЕУ од 10 отсто за американските автомобили, додека американската царина за европските автомобили е 2,5 отсто, иако стапките варираат во зависност од возилата.
Францускиот претседател Емануел Макрон на 9 февруари рече дека американските царини за Европа ќе ја зголемат инфлацијата во Соединетите Држави и за Си-Ен-Ен изјави дека Трамп не треба да го фокусира своето внимание на сојузниците на САД во ЕУ.
„Дали Европската Унија е вашиот прв проблем? Не, не мислам така. Вашиот прв проблем е Кина, затоа треба да се фокусирате на првиот проблем. Тоа значи дека ако наметнете царини на многу сектори, тоа ќе ги зголеми трошоците и ќе создаде инфлација во САД. Дали тоа го сака вашиот народ? Не сум сигурен“, рече Макрон.
Берзите ширум светот паднаа откако Трамп првично објави царини против Канада, Мексико и Кина, но се стабилизираа откако тој изрази подготвеност да преговара за давачките.